Адвокатите на поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони поднесоа тужба против една од „неговите девојки“, Џована Ригато поради обид за изнуда.
Ригато од Берлускони побарала најпрвин 500 илјади евра, а потоа и милион евра, нешто што според неговиот адвокатски тим е изнуда.
Ригато е меѓу сведоците во судската постапка против Берлускони во таканаречениот „Случај Руби“ и според италијанските медиуми, не е единствената која во замена за нејзиното молчење примила или бара пари од поранешниот италијански премиер.

Имено, против поранешниот премиер и лидерот на партијата „Форца Италија“ се води постапка и обвинет е дека имал сексуални односи со малолетничка по име Руби. Тоа е прекарот на мароканката Карима Ел Маруг која учествувала, заедно со други девојки, на таканарешените „елегантни вечери“ познати во италијанските медиуми како „Бунга Бунга“ забави во вилите на Берлускони каде што според сведочењата, меѓу другото имало и проституција.
Џована Ригато која учествувала на тие абави, тврди дека не изнудува пари, туку бара компензација за се што претрпела откако во 2010-та година беше ставена на листата на сведоци, а потоа и меѓу обвинетите во „Случајот Руби“.

Ригато тврди дека со Берлускони немала љубовен однос, туку се завршувало со бакнежи. Таа тврди дека Берлускони ѝ ветувал помош, па дури и вработување во некоја од неговите телевизии, а таа не гледа ништо лошо во врска со тоа затоа што според нејзините зборови „Берлускони е добар и даржлив човек кој им помага на тие што се во неволја“.
Процесот „Руби“ трае веќе неколку години, а во последно време неколку пати рочиштето е откажувано затоа што или Берлускони е во болница, или тврди дека е на здравствени прегледи и не се чувствува добро.