Биелса воодушевен од Алиоски: Не сум видел фудбалер со поголема страст на терен

547

Македонскиот репрезентативец Езгијан Алиоски се најде во центарот на вниманието на англиската јавност по дуелот меѓу Лидс и Арсенал, откако изнуди со елементи на добро актерство исклучување за фудбалерот на „топчиите“, Николас Пепе.

Најскапиот фудбалер во историјата на „топчиите“ се впушти во судир со Алиоски удирајќи го со глава во „стилот на Зидан“, па заработи директен црвен картон. Незадоволните фудбалери на Арсенал и по крајот на натпреварот се обидоа да се објаснуваат со Алиоски, но сето тоа мина без посериозни инциденти.

Околу целата ситуација со свој коментар се огласи и менаџерот на Лидс, Марсело Биелса, кој застанувајќи на страната на Алиоски нагласи дека не видел досега фудбалер со поголем ентузијазам на терен од македонскиот репрезентативец.

„Тоа е дел од фудбалската игра и нема што многу да се коментира посебно кога е очигледно дека еден фудбалер удира противнички. Може да кажам, како и многу пати претходно, дека Алиоски е фудбалер со огромен ентузијазам и страст на теренот секогаш оставајќи го најдоброто од себе, максимално корисен за екипата“ – вели Биелса.