Американскиот милијардер и основач на Мајкрософт, Бил Гејтс, во последната година често ја коментираше пандемијата на коронавирусот, повикуваше на вакцинација и почитување на мерките, а неодамна на својот блог се осврнал на фактот дека постојано се појавуваат нови соеви на коронавирусот.
Гејтс признава дека тоа го загрижува: „Светот далеку напредуваше во борбата против Ковид-19. Но, новите варијанти на вирусот би можеле да го загрозат напредокот кој го постигнавме во текот на изминатата година“, напишал тој.
Познатиот Американец потоа детално објаснил како мутациите ја комплицираат пандемијата и тоа во 5 точки:
1. Веќе сте имале „работа“ со мутираните соеви на вирусот ако некогаш сте прележале грип
Вирусот на грип брзо мутира и затоа често се соочуваме со поинакви варијанти. Со тоа, сами по себе варијантите на вирусот не се необични, но тоа исто така значи дека се потребни и нови варијанти на вакцини.
„Коронавирусот, како и сите вируси, има само една цел – да се реплицира. Секој пат кога вирусот ги напаѓа вашите клетки, ја измамува клетката да ги следи упатствата кодирани во нејзината РНК за да направи повеќе копии на вирусот.
Кога клетката создава нов вирус, таа мора да ги копира тие упатства. Но, тоа е како да одите на час по слепо пишување во училиште, тешко е да го напишете истото без ниту една грешка. Кодот на вирусот што предизвикува Ковид-19 е долг околу 30.000 букви. Тоа се многу прилики за грешка – што коронавирусот често го користи. Повеќето грешки доведуваат до вирус кој е или функционално идентичен или не може да се реплицира. Но, одвреме-навреме доаѓа до промени кои го олеснуваат заразувањето на вирусот или избегнувањето на имунолошкиот систем. Кога таа промена ќе почне да се шири помеѓу луѓето, се појавува нова варијанта“, објаснил Гејтс како доаѓа до настанување на нови соеви.
2. Ги гледаме истите мутации и тоа би можело да биде добро
Ковид-19 мутира речиси двојно побрзо од грипот и е „многу поедноставен вирус“ во однос на грипот, вели милијардерот. Кога коронавирусот мутира, тоа воглавно се случува на исто место – во одреден „шилест“ протеин кој излегува од површината на вирусот.
„Тој протеин е клучен за ширење на Ковид-19. Неговиот облик е она што му овозможува на вирусот да ги зафати човечките клетки. Ако протеинот само малку се промени, би можел поефикасно да се поврзе со клетките (што го прави вирусот попренослив) или да му отежне на имунолошкиот систем да го таргетира. Но, ако премногу се промени, вирусот повеќе не би можел да го добие внесот кој е клучен за неговиот животен циклус. Тој лимитиран капацитет за промена објаснува зошто ги гледаме истите мутации, но на различни места низ светот“, вели Гејтс.
„Некои експерти сметаат дека можеби веќе сме ги виделе најзагрижувачките мутации на кои овој вирус е способен. Но, Ковид-19 и претходно не изненади и би можел повторно да го направи тоа“, додал тој.
3. Вирусот се менува, но патот пред нас е ист
„Се чини дека вакцините кои денес се создаваат можат да спречат потешки облици на болеста, дури и кога станува збор за нови варијанти, па следното големо прашање е дали вакцината ќе мора да се менува така што ќе се насочи кон нови варијанти“, напишал Гејтс.

„Во секој случај, запирањето на ширењето на вирусот е најдобар начин за совладување на Ковид-19 и спречување на создавање на нови варијанти. Засега е клучно да се продолжи со следење на превентивните мерки. Ако бидеме внимателни кога станува збор за социјалната дистанца, носењето маска и вакцинирањето, многу порано ќе ставиме крај на пандемијата“.
4. Новите соеви истакнуваат колку е важно вакцините да бидат достапни
Едноставно речено, што повеќе се шири Ковид-19 во светот, толку повеќе шанси има да еволуира и да научи да им пружа отпор на вакцините.
„Ако не ја донесеме вакцината во секој дел од планетата, ќе мораме да живееме со можноста да се појави многу полош сој на вирусот. Дури можевме да забележиме како се појавува нова варијанта која во целост е отпорна на веќе постоечките вакцини“, пишува овој милијардер.
Преку програмата „Ковакс“ ќе можат да се испорачаат 300 милиони дози вакцина до средината на 2021 година во земјите со ниски приходи, но Гејтс смета дека тоа не е доволно.
„На светот му е потребно многу повеќе ако навистина сакаме да ја елиминираме заканата од коронавирусот. Се надевам дека богатите земји ќе продолжат да ја поддржуваат работата на „Ковакс“, дури и ако животот започне да се враќа во нормала во некои делови од светот“.

5. Светот сега е поподготвен за нова пандемија
Ако светот се соочи со уште една пандемија на патоген, би требало да очекуваме и дека ќе мутира, токму како што е случај со Ковид-19.
„Се надевам дека следниот пат разликата ќе биде во тоа што сега сме подобро подготвени и дека порано ќе ја воочиме појавата на нови варијанти.
Сите алати и протоколи кои медицинските експерти, истражувачите и научниците ги поставија за да ги следат соевите на коронавирус, ќе бидат од непроценлива вредност во иднина.
Нема сомнеж дека новите варијанти ги комплицираат нашите напори да ја запреме оваа пандемија. Дури и кога е најлошото зад нас, ќе мора да бидеме внимателни. За среќа, знаеме што треба да сториме за да спречиме да се појават. Засега, најдоброто нешто што можете да го направите за да се заштитите себеси е да ги следите упатствата на јавното здравје и да се вакцинирате кога ќе имате прилика за тоа“, заклучува Гејтс.