Билјана Ивановска ја повика Лекарската комора да реагира и да побара одговорност од директорот на струшката болница Мухамед Асани

552

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска ја повика Лекарската комора да реагира и да побара одговорност од директорот на струшката болница Мухамед Асани.

Таа потенцира дека во ДКСК не се расправало за предметот околу постапувањето на докторот во струшката болница, заради тоа што ЈО отворило предмет за постапувањето докторот. Лекарската комора, вели Ивановска, е таа што треба да утврди дали има или нема одговорност кај докторот бидејќи, посочува, таа е телото што ги издава лиценците.

-Јас изреагирав со мој личен став, иако од вчерашниот разговор со моите колеги гледам дека се на исто мислење дека треба да се утврди одговорност за целиот процес. Мене навистина не ми е јасно како може некој да влезе во болница, да биде се во ред и да излезе без три органи. Ова како граѓанин си го поставувам како прашање. Кога ја добива лиценцата еден доктор, значи дека тој е одговорен, образован, професионалец и професионално ќе си ја заврши својата работа и дека на некој начин треба да ја гарантира безбедноста на пациентите на овој начин се губи довербата и во белите мантили. Она што можеби ние ќе го детектираме како случај во ДКСК е позицијата на господинот Асани како директор на клиниката, бидејќи за него се утврдило дека има ординација која работи на диво. Кој може да гарантира дека тој не ги пренасочува пациентите од својата дива ординација, рече Ивановска во Утрински брифинг додавајќи дека од тој аспект ДКСК треба да ја доведе во прашање неговата одговорност и оти само тој дел е во нивна надлежност.