Состојки:
За бисквитите:
200 г бистар мед
130 г шеќер
150 г несолен путер
3 големи јајца, матени
1 лажиче прашок за печиво
2 лажичиња мелен ѓумбир
ситно рендана кора од 1 портокал
600 г брашно, плус уште за набрашнување
За кандираните мандарини:
200 г шеќер
2 мандарини, нелупени, исечени хоризонтално на многу тенки кришки
За филот и преливот:
650 г крем сирење (маскарпоне, филаделфија…)
250 г несолен путер, на собна температура
ситно рендана кора од 2 портокали
120 г шеќер во прав
3 лажици бистар мед
100 г темна чоколада, искршена
1 лажичка сончогледово масло
Приготвување:
Загрејте ја рерната на 180 степени. Стопете ги медот, шеќерот и путерот во голема тава на средна температура. Доведете ги до вриење и оставете да крчкаат 5 минути додека да добијат малку потемна нијанса на кафена боја. Исклучете ја ринглата и оставете ја смесата да отстои 8-10 минути додека да се излади доволно за да може да се допре (многу е важно смесата добро да се олади за јајцата да не се згрутчат, но да не се олади премногу и да стане како карамела).
Постепено додавајте ги матените јајца во оладената смеса, брзо матејќи додека да добиете изедначена смеса.
Додајте ги прашокот за печиво, мелениот ѓумбир, кората од портокал, брашното и сосема малку сол, а потоа добро измешајте со дрвена лажица. Тестото е меко и потребни се околу 5 минути за сосема да се изедначи. Измерете, а потоа поделете го на 10 дела (од по околу 110 г).
Обликувајте го секој дел од тестото во форма на диск, па на добро набрашнета маса исукајте ги за да бидат дебели по 2-3 мм, а нешто поголеми од 20 см во дијаметар. Со калап за торта од 20 см исечете форма на плоча од тестото. Со широка кујнска лопатка пренесете ја плочата во тава за печење обложена со мрсна хартија. Печете 7-8 минути додека да добие златна боја. Оставете го 5 минути да зацврсне, а потоа внимателно пренесете го на решетка за да се излади целосно. Повторете ја истата постапка со останатите делови од тестото.
Откако сите бисквити ќе се испечат, направете ги кандираните мандарини. Вклучете ја рерната на 120 степени. Ставете го шеќерот во тенџере со 200 мл вода и оставете да зоврие, мешајќи да се раствори шеќерот. Додајте ги кришките мандарини, намалете ја температурата колку за да крчка и гответе 3-4 минути. Исцедете ги, наредете ги на тава обложена со нелеплива хартија и печете ги 50-60 минути.
Во меѓувреме, направете го преливот. Во голем сад со електричен миксер матете ги крем сирењето, путерот и кората од портокал додека да добиете еднолична смеса. Додајте ги шеќерот и медот, а потоа пак матете додека да стане еднолично и кремливо.
На голема чинија ставете еден бисквит, врз него со шпакла рамномерно намачкајте 3-4 лажици од филот и покријте со друг бисквит. Повторете ја постапката додека да ги ставите сите бисквити, а потоа одозгора и од страните премачкајте со остатокот од филот. Оладете ја тортата во фрижидер најмалку 30 минути за да се зацврсти.
Во меѓувреме, во огноотпорен сад стопете ја чоколадата на пареа (врз тенџере со зовриена вода, но внимавајте водата да не влезе во садот), а потоа додајте го сончогледовото масло. Извадете ја тортата од фрижидер, попрскајте ја со дел од чоколадата, а потоа со шпакла размачкајте ја врз филот во форма на вител. Постепено додавајте уште од чоколадата и размачкувајте ја по целата торта. Вратете ја тортата во фрижидер уште најмалку 2 часа (колку подолго е во фрижидер, толку помеки ќе станат слоевите; 5-6 часа би ѝ ја дале совршената текстура). Одозгора украсете со кандираните мандарини.