Битолската апелација ја поништи гаранцијата од 30.000 евра, Нефи Усеини и брат му остануваат во притвор

547

Битолската апелација го поништила решението на охридскиот суд за прифаќање на гаранцијата од 30.000 евра на Нефи Усеини и неговиот брат, со што тие остануваат во притвор.

Укинато е решението со кое беше прифатена гаранцијата, а предметот е вратен на одлучување во Охрид, информираат од битолскиот Апелациски суд каде обвинителството се жалеше откако судот во Охрид ја прифати гаранцијата.

Притворот од осум дена на браќата Усеини истекува утре. Тие шест дена беа недостапни за полицијата, за на 26 август самите да се пријават.

Против браќата се води истрага за насилство и за недозволено држење оружје откако охриѓанецот Спирко Топалоски пријави дека го нападнале, а во нападот полицијата утврди дека користеле и пиштол. Топалоски потоа го смени исказот и рече дека не бил нападнат од браќата Усеини.