Богата руска наследничка во центар на скандал: Платила пријател да го ограби нејзиниот поранешен сопруг

901

Маринка Смирнова, поранешна Мис Русија и наследничка на славниот произведувач на “водка”, вчера се појавила на суд во Лондон во врска со обвиненијата дека ангажирала пријател да го ограби нејзиниот поранешен сопруг, олигархот Сергеј Капчук, познат и како Сергеј Виндзор.

Како што се наведува, Смирнова го ангажирала 29-годишниот Робин Мареј, му обезбедила лажни документи на кои пишува дека е судски извршител, а потоа го пратила во куќата на својот поранешен сопруг во Кенсингтон, со измама да му одземе одредени предмети.

Како што било кажано на суд, Мареј украл два компјутера, телевизор, часовник, печатар и аудио-рекордер во вкупна вредност од 2.000 фунти.

“Обвинетите направиле план да земат пари од господин Виндзор. Господинот Мареј отишол во неговата куќа со уште еден човек кој не успеавме да го пронајдеме и се претставил како судски извршител. Тврдел дека е од Врховниот суд. Рекол:”дајте ни ги вашите работи”. Господин Виндзор бил сомничав, бидејќи не добил никаква потврда за предметите кои му биле одземени, и му се заканиле дека ќе го депортираат ако не го плати долгот за алиментација. Наредниот ден, некој му се јавил на господинот Виндзор од непознат број и барал да му каже кога ќе и ги исплати парите кои и ги должи на Маринка за алиментација. Тој број не доведе до Мареј”, рекол обвинителот.

Мареј во полицијата тоа го демантирал и рекол дека дошол кај Виндзор да купи телевизор.

Смирнова е ќерка на Јевгениј Смирнов, а мајка и е познатата руска гимнастичарка Елена Колесњикова. Маринка е позната по учеството во реалното шоу “Запознајте ги Русите”, за богатите руски семејства во Лондон.

И Маринка ги негирала сите точки од обвинението. Судењето продолжува.