Богатите први побегнале! Каде заминале милионерите да се сокријат од коронавирусот

730

Њујорк е познат како еден од најгусто населените градови, преполн со станови и апартмани. Но, од март, кога таму започнала епидемијата на коронавирусот, делови од градот се испразниле, а многумина заминале од најбогатите населби на Њујорк.

Богаташите од Њујорк се “разбегале” по сите страни на САД. Барањата за проследување на поштата покажуваат каде заминале. Некои ги напуштиле богатите делови на Њујорк и ги замениле со сончевиот Мајами.

Останатите ја напуштиле луксузната населба Грамерси Парк и заминале во Њу Џерси. Некои ги напуштиле апартманите во Бруклин и ги замениле со Калифорнија.

Во март Поштата на САД добила преку 56.000 барања за проследување на поштата од Њујорк, со што бил повеќе од дуплиран месечниот просек.

Во април бројот на барањата пораснал на 81.000, двојно повеќе отколку една година претходно.

60 проценти од тие нови барања биле за одредишта надвор од градот.

Чувството на празнина е најизразено на Менхетн, пишува “New York Times”. Во април нешто повеќе од половина од барањата за проследување на поштата на одредишта надвор од Њујорк се случиле на Менхетн, а најмногу на Апер Ист Сајд и Апер Вест Сајд.

Податоците од поштата и мобилната телефонија покажуваат дека најбогатите области во градот имале најмногу движење.

“Веднаш по ударот на ковид-19, сите побегнаа од тука”, изјавила Хелена Розентал, градска претставничка.

Како што рекла, покрај авенијата Колумбус, која инаку е преполна со автомобили, луѓето можеле да одат пешки, а тоа и таа го прави често.

Многу Њујорчани кои ги напуштиле своите домови во градот се преселиле во областите Лонг Ајленд, Њу Џерси и западен Њујорк. Посебно е популарна населбата Хемптонс на Лонг Ајленд, каде многу богаташи имаат свои вили каде што се опуштаат кога летуваат или одат на викенди.

Во повеќето локации поштенската служба на САД им овозможува на поединци и семејства привремено да ја проследат поштата на нова локација, и тоа најдолго до една година.

Сега, поштата која некогаш одела на Менхетн оди во Мејн и Конетикат. Писмата од Ист Сајд се пренасочуваат во Флорида или Пенсилванија.

Од друга страна, голем број на сиромашни Њујорчани останале во градот, бидејќи немале каде да одат. Њујорк е жариште на коронавирусот во САД.