Бојан Јовановски познат во јавноста како Боки-13 од понеделникот повторно е во болница, потврдуваат на МКД.мк официјални извори од затворот. Јовановски и претходно беше хоспитализиран, но минатата недела повторно бил вратен во притвор во Истражниот затор во Шутка. Во затворот поминал само два дена кога состојбата повторно му се влошила и пак по прегледите од затворските лекари е вратен во болница.
Неговата здравствена состојба велат нашите извори е лоша, а со секое негово враќање во затвор состојбата му е се полоша и затворските лекари го упатуваат повторно во болница.
Здравствената состојба на Боки-13 денес повторно го одложи судењето за случајот познат како „Меѓународен сојуз”. Судењето е презакажано за 28 октомври.
Сашко Дуковски, адвокатот на Боки 13 постојано предупредува дека тој е болен и дека неговата здравствена состојба треба да се сфати многу сериозно. Препораките на адвокатот се дека на Јовановски треба да му биде определена мерка куќен притвор и да ја добива негата и храната која му е потребна во домашни услови.
Но, судот до сега ги одбиваше барањата на адвокатот и Јовановски е во притвор во Истражниот затвор во Шутка веќе 15 месеци.
Обвинетиот и во текот на постапката за „Рекет” пред судот се жалеше дека не се чувствува добро, а поради тоа неколку пати во текот на судењата за „Рекет” беа повикувани лекари од Итната медицинска помош. Но, по прегледите рочиштата продолжуваа.
„Обвинетиот Бојан Јовановски нема малигни здравствени проблеми, туку има хроничен гастрит, односно воспаление на желудникот”. Ова известување го прочита судијката Васка Николовска-Масевска во февруари на судењето за „Рекет” читајќи го известувањето од лекарот од Клиниката за гастро во Скопје кој вчера го прегледал обвинетиот.
Судијката тогаш прочита дека Јовановски нема малигни елементи во неговата здравствена состојба, туку дека има хроничен гастрит.
Јовановски тогаш не се повлече од тврдењето дека е многу болен, дека има рак и дека неговата здравствена состојба е животно загрозувачка.