Бокс корнер со Димитар Младеновски – Џулијан Џексон=”Тајсон” од друга категорија (ВИДЕО)

2113

Што се случува кога ќе се појави боксер со страотен (нереално моќен) удар, атипично за својот физикус?

Тогаш говориме за Џулијан Хок Џексон.

Без никаков сомнеж, малиот Тајсон претставува еден од најсилните борци за кој (можеби) не сте слушнале.

Роден на 12 Септември 1960 година, во Свети Томас на Девствените острови, Џексон уште од најрана возраст ја покажа својата глад и неисцрпна желба за докажување. Избегнувајќи ја исклучително тешката состојба во неговиот роден град, исполнет со криминални банди и проблеми на сите страни, овој (тогаш млад) дисциплиниран борец, целото свое време го посвети на тренинзи и спаринг борби преку кој (многу брзо) беше препознат од најголемите агенти и менаџери во ’80-тите години на минатиот век. По 15 победи во аматерска конкуренција, се здоби со официјална “профи” лиценца преку која доби можност да се претстави на сцената.

Џулијан Џексон е најмногу познат по неговата разорно моќна десна рака. Секој кој стапнал во рингот против него, добро ја познава молскавичната брзина и страотната “десница” на “воинот од Карибското море”.
Во 1987 ја освои престижната WBC титула во средно лесната категорија и за првпат стана светски шампион, епитет кој го поседуваше до 1990 година. Во време кога “челичниот” Мајк Тајсон ја покосуваше конкуренцијата во тешка категорија со својот девастирачки удар, токму Џексон се сметаше за подеднакво опасен боксер во полесната (по килограми) категорија.

Токму на почетокот на ’90-тите се обиде да ја смени категоријата, и да освои нова титула, нешто што до тогаш ретко кој беше способен да го стори. На Џексон ова му појде од рака, и во 1990 година ја освои WBA титулата во средно тешка категорија. Истото успеа да го стори и по втор пат во 1995 година, период во неговата кариера која “боксерските експерти” и аналитичари го сметаа за залез на неговиот спортски пат. За него најважно беше што навивачите ги убеди дека кога ќе дојдат да го видат во акција, тој секогаш даваше се од себе. Во најголемиот број на изјави, Џексон потенцира дека се надева дека ќе биде запаметен како бестрашен воин кој се бори до последниот атом енергија.

Во 2003-та година, беше прогласен за еден од најсилните боксери на сите времиња од страна на најпрестижниот боксерски магазин – “Ринг”. Според мислењето на повеќето искусни познавачи и аналитичари, Џексон не беше доволно голема ѕвезда колку што заслужуваше.
Не беше доволно почитуван пред се поради лошиот менаџерски тим околу него и слабата промоција на неговите исклучително возбудливи борби.
Интересно е што со текот на годините, “Хок” доби многу поголема популарноост, почит и внимание од боксерските ентузијасти.

Со развојот на дигиталната технологија, помладите фанови (посебно преку You Тube) имаат можност да ја видат неговата експлозивност, брзина и неспорни квалитети кој ги поседуваше. По завршувањето на кариерата, тој се врати дома и почна да тренира млади и надежни боксери. Околу себе создаде исклучително остручен тим. Неговите три сина, Џулиан (помладиот), Џулиус и Џон Џексон се професионални борци уште од 2009-та година и (денес) претставуваат крајно сериозни “фајтери” со веќе солидно резиме.

Фуриозниот борец кој ги косеше противниците со удар на “тешкаш”.
Крајниот епилог, 55 победи од кој 49 со нокаут завршница (скоро 90%) е повеќе од успешен.
“Јастребот” зад себе има 17 годишна кариера во која стана повеќекратен светски шампион.
Ментално цврст, секогаш подготвен и бестрашен.
Уживајте во ова видео…

Димитар Младеновски