Бокс корнер со Димитар Младеновски-“Егзекуторот” Хопкинс (ВИДЕО)

1775

Судирот помеѓу Бернард Хопкинс и Феликс Тито Тринидад, претставува еден од најексплозивните дуели и најинтересните борби на сите времиња. 

Епскиот двобој се случи на 29-ти Септември 2001 година, во легендарниот “Медисон Сквер Гарден”, во Њу Јорк.

Бернард Хопкинс беше шампион во средна категорија и носител на појасите на WBC и IBF. Феликс Тринидад (во моментот) беше непоразен фајтер, со поерфектен скор од 40-0. Беше во обид да стане првиот борец кој ќе ги обедини сите титули во средна категорија, по Марвин Хеглер на кого тоа му успеа во 1980 година.

Бернард Хопкинс беше во низа од 12 последователни одбрани на тронот во средна категорија. Од спротивната страна порториканецот, Тринидад ја “збриша” конкуренцијата пред себе. Промотерот Дон Кинг го организираше овој фантастичен дуел кој беше познат како доаѓањето на “Единствениот Шампион” или “Може само да има еден број еден”.

Мечот започна релативно мирно но, многу брзо динамиката се промени. Хопкинс во третата рунда го имаше првиот голем удар во борбата. Почна да се чувствува удобно продолжувајќи со удари однадвор. Во четвртата и петата рунда Тринидад го крева темпото. Задава прецизни удари но, “егзекуторот” Хопкинс враќа со иста мера. Типично познат по неговиот агресивен стил, Хопкинс напаѓа со пеколна брзина. Тринидад се чини збунет и добива повеќе незгодни удари. Шампионски се враќа во шестата рунда кој е најдобра за него. Боксерите земаат здив во следниот дел. Во осмата рунда, Хопкинс повторно ја превзема контролата во дуелот. По неколку удари со левата рака, силно кроше и бројни успешни комбинации, Тринидад делува зашеметено. Се чувствува неволја. Замавнува со сета сила во десетата рунда но, противникот е веќе на ново ниво. Разнишаните нозе и исцрпеноста е видлива. Хопкинс самоуверено (и насмеано) ја почнува финалната 12-та рунда. Следува моќен удар директно во брада! Тринидад за прв пат во кариерата е на колена. Набрзо влегува неговиот тренер во рингот и ја прекинува борбата.“Егзекуторот” Хопкинс е победник по импресивната претстава! Воодушевувачки делува податокот дека борецот “гордост на Филаделфија”, оваа титула ја освои на своја 36 годишна возраст. Неговото тешко минато (и 7-те години поминати зад решетки) не го спречија да дојде до толку посакуваната цел. Негов надимак беше “вонземјанец”, а Хопкинс, таа ноќ делуваше како да доаѓа од некоја друга планета. Уживајте во највозбудливите моменти од судирот на овие два великана.

Димитар Младеновски