Хектор Луис Камачо Матиас, или по познат како “Maчо”. Човек роден да се забавува. Боксер створен за борба!
Роден 1962 година, во Бајемон (Порто Рико). Израснат на улиците на Њу Јорк (во “Шпански Харлем”) каде ја стекнува онаа цврстина која (најмногу) ќе му помогне во животот.
Најпрво е познат како крадец на автомобили и уличен борец. Препознаен како голем талент од страна на боксерските скаути, Хектор набрзо почнува да тренира боречки вештини. Боксот му станува најголема љубов. Почнува да се натпреварува.
Претставува страв и трепет за секој противник иако со својата висина од (едвај) 169 сантиметри (на прв поглед) не изгледа така. “Динамитот во мало пакување” ги уништува ривалите.
Уште во аматерските денови, покажа страшен потенцијал. Доминирајќи и освојувајќи се што можеше да се освои. Во рок од три години, успеа да освои 5 турнири во три различни категории. Три пати се закити со “златната ракавица на Њу Јорк” во 1978, 1979 и 1980 година.
Стапнувајќи на професионална сцена едно беше позабележително од се останато. Камачо не само што беше подготвен за борба туку со себе доведе и исклучително интересен пристап. Тој беше еден од првите кој влегувањето во рингот и преставувањето на борците, го сведуваше на вистински шоу перформанс. Големиот Дон Кинг, го превзема како свој пулен и започнува неговиот подем. Најсилна страна му се силните удари како и молскавичната брзина во рингот.
Се споредуваше со Елвис Присли и изјавуваше дека е силно инспириран од Брус Ли. Камачо беше уникатен во секој поглед. Се чини побрзо од неговите удари и контроверзни изјави беше само начинот на кој живееше. Облеан во злато и често во сомнително друшво. Контроверзно однесување и злоупотреба на разни наркотици. Камачо беше како лик од филмско платно.
Според експертите,спортските новинари и аналитичари, Камачо даде многу на овој спорт. Неговите вештини оставија силен печат а влијанието кое го имаше беше евидентно. Заедно со Феликс “Тито” Тринидад, Вилферд Гомез како и Вил Бенитез, Камачо ја сочинуваше златната ризница на борци кој доаѓаат од Порто Рико.
Според боксерскиот историчар, Марио Ривера Мартино, тој претставувал комплетен борец како и револуционер за време на периодот во кој активно боксуваше. Ед Борфи, главниот човек на меѓународната боксерска куќа на славните, го окарактеризира Камачо како еден од највозбудливите на сите времиња.
“Уникатниот стил, светлината и шареноликоста во рингот беа незаменливи” – изјави Борфи.
Боксерските способности на порториканецот беа опишани како атипично возбудливи. Неговот име се вбројува меѓу великаните.
Eден од најискусните уредници на престижниот ESPN, Хирам Мартинез, го окарактеризира нашиот херој како гладен, фокусиран и посветен боксер кој неуморно работи за подобрување на својата вештина.
“Духовитоста и уникатниот стил го претвори во еден од најдобрите на сите времиња. Не можете да си објасните, како со сите оние силни удари кои ги примил и сите оние противници со кои се соочил, не го срушиле.” – изјави Мартинез.
Хаиме Вега Кари го опиша (можеби) најспецифично од сите.
“Камачо е лик кој комбинира заразна харизма со импресивен бокс. Остроумност и врвна доверба во себе, а сепак, зачувувајќи ја детската душа и љубов кон натпреаварувањето.”
Проблемите надвор од рингот го следеа “Мачо” целиот негов животен пат. Во 2001 година се разведе од својата сопруга, Ејми Камачо со која има три сина по нејзините пријави во полицијата за неговото избувливо однесување.
Ејми Камачо го обвинуваше својот сопруг за закани коi тој ги упатувал кон неа. Во 2003 година, Камачо започна заеднички живот со Шели Селејмаси, свршувачката се случи една година подоцна.
Во 2005 година беше уапсен од полицијата во Гулфорт (Мисисипи) под обвинение дека се обидел да изврши грабеж во продавница за електроника. Како отежителни околности во моментот беа сметани и екстазите кој ги носеше со себе, во моментот на приведувањето. Откако призна дека бил под дејство на опојни дроги, беше осуден на една година затвор во 2007 година. Тоа не го спречи во Јули 2008 да се врати во рингот по три годишна пауза.
Од Јули 2008 до Мај 2010, Камачо ја заокружи својата спортска приказна со 4 борби во кој забележа 2 победи, нерешено и пораз. Како круна на неговата кариера дојде кога (на исто место и време) боксуваше заедно со совојот син, Тајлер. Таткото и синот тој ден извојуваа убедлива победа. Неговата последна борба беше само 10 дена пред неговиот 48-ми роденден.
Во Февруари 2011 преживеа атентат. Беше нападнат во градот Сан Хуан кога врз него беше пукано од возило во движење. За среќа, помина не повреден. Беше шокиран. Изјави дека нема непријатели, помага на сите и е навистина изненаден како некој може да има негативен пристап кон него, дури до овој екстремен степен.
За жал, немаше таква среќа 20 месеци подоцна. На 20 Ноември 2012 година, Камачо беше застрелан во главата седејќи во своето возило (во неговото родно место, Бајемон – Порто Рико). Итно беше префрлен во болница и беше извршена операција. Неговиот најверен другар Адријан Морено беше убиен за време на нападот. Полицијата во неговиот автомобил (веднаш по престрелката) најде 9 кесички полни со кокаин. Се претпоставуваше дека напаѓачите знаеле дека Хектор секогаш со себе носи поголема сума на пари како и наркотици. Куршумот кој го погоди Камачо направи страотна штета врз неговиот мозок. По операцијата тој претрпел два срцеви удари а вториот бил фатален по неговиот живот. “Мачо” ја загуби најважната битка. Згасна една од најсветлите ѕвезди!
За многумина беше вистинско изненадување што Камачо доживеа 50 годишна возраст, имајќи го во предвид брзиот начин на живот кој го обожуваше. Тој не знаеше за кочница и на својот пат кон врвот иташе како ултра моќен спортски автомобил. Според премиерот на Порто Рико, Луис Фортуно, Хектор Камачо беше личност кој ја обединуваше целата нација. Неговите победи оставија неизбришлив печат. Неговото име ќе биде испишано со златни букви. Остана запаметен како среќна личност којa секогаш помагаше на луѓето.
Беше професионалец во цели три декади, почнувајќи од 1980 па се до 2010 година, со одредени паузи. Светски шампион во 5 различни категории! Камачо e избран во “Халата на славните” (постхумно) во Јули 2016 година. За многумина секогаш ќе останe лузна неговото прерано заминување.
Како што авторот на неговата биографија (Кристијан Гиудис) ја наслови, “Метеорскиот подем и трагичниот пад на Хектор Камачо” која беше објавена на 20.10.2020 година.
Уникатен и единствен.
Димитар Младеновски