Британскиот министер за одбрана во понеделникот ги отфрли гласините кои се појавија во медиумите дека премиерот Борис Џонсон наводно рекол дека попрво би сакал да види „натрупување на илјадници тела“, отколку да нареди трет општ карантин на нивото на целата држава.
Daily Mail, повикувајќи се на неименувани извори, пренесува дека британскиот премиер во октомври минатата година, недолго откако се согласи на воведување на општ карантин, на состанокот во Даунинг Стрит изјавил дека „не сака повеќе е*ени затворања“ и дека „попрво нека се натрупуваат илјадници тела“.
Министерот за одбрана, Бен Волис за Sky News изјави дека тоа не е вистина и дека тоа „практично сите го отфрлиле“ и додаде дека Џонсон е сконцентриран на одговорот на пандемијата на коронавирусот.
„Влеговме во некој вид на комичен период со сите тие трачеви. Знаете – неименувани извори на неименувани советници говорат за неименувани случувања. Знаете, ништо од тоа не е сериозно“, нагласи Волис.
Џонсон нареди трет општ карантин во јануари, иако некои критичари тврдат дека тоа би можело да биде избегнато доколку премиерот претходно попуштел под притисокот на некои министри кои барале строг втор карантин.
Неговите противници и натаму тврдат дека тој пребавно реагирал на ширењето на вирусот и со тоа ја загрозил владината стратегија на борбата против Ковид-19, одложувајќи ги мерките за затворање во клучните моменти.
Џонсон ги отфрли повиците на отворање на истрага во врска со управувањето со пандемијата, а неговиот министер вели дека, иако не направиле се како што треба, тие ги носеле одлуките навремено и Велика Британија ја има една од најдобрите програми за вакцинирање на населението во светот.