Борисов одговори на прозивката на Дац: „Токму затоа што сме најблиски, не треба да дозволиме да се оддалечуваме“

666

Вчера актерот Драган Спасов Дац преку Фејсбук објава му се обрати на бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Имено, Дац ја промовираше новата преработка на бугарската „Целувката на Ана“, од проектот „Љубовен пасош“ кој го работат заедно со Александар Митевски, и во подолг текст му се обрати на Борисов.

Не помина многу време за бугарскиот премиер да возврати на прозивката на Дац.

„Ви благодарам за честитката! Во овие нелесни времиња важно е да се поддржуваме едни со други. Исто како и во минатите годините, ние секогаш го правевме тоа за нашиот прв и најблизок сосед! И токму затоа што сме најблиски, не треба да дозволиме да се оддалечуваме. Пријателството меѓу нас е силно. И најсилните врски се најемотивни“, го започнува Борисов своето писмено обраќање на бугарски јазик.

„Како пријатели треба да бидеме искрени едни со други. Така ќе одиме напред. Ако се инаетиме, проблемите ќе останат. Решението е дијалог, солидарност, разбирање. За едно подобро утре! Ние сме подготвени да помогнеме. Истото сакаме да го видиме и кај нашите соседи и пријатели“, пишува во Фејсбук објавата на Борисов.