Борисов повика на формирање експертска влада: „Ви нудам мир“

669

Бојко Борисов предложи идеја за формирање на експертска влада, откако сите излезни анкети покажаа дека неговата партија ГЕРБ победи на изборите одржани вчера. Броењето на гласови оди многу бавно, и досега се обработени нешто помалку од 50%, јавуваат медиумите од Бугарија.

Борисов на „Фејсбук“ објави дека со здружување на силите со опозицијата, може полесно да се реши ситуацијата со пандемијата.

„Ви нудам мир. Ајде да назначиме експерти, со цел до декември да ја надминеме пандемијата и да тргнеме напред. Тоа е мојата понуда до вас. Ајде да ги избереме најдобрите луѓе да ја завршат работата. Заедно сме посилни“, кажа Борисов.

Борисов минатата година се соочи со антивладени протести, на кои беше побарана негова оставка поради корупцијата во земјата. И да излезе како официјален победник на изборите, бугарските аналитичари велат дека тешко може да формираат влада.

Според резултатите од одработените гласови, ГЕРБ води пред „Има таков народ“ што лани ја основаше популарниот шоумен Слави Трифонов и Бугарската социјалистичка партија, додека ВМРО на Красимир Каракачанов води битка да го надмине прагот да влезе во парламентот.