Експертот за безбедност Џевад Галијашевиќ, оценил дека инспиратор на најновите терористички напади во Виена, како и во Париз, е турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, кој тоа го прави поради лошата ситуација во земјата.
Истакнува и дека Европа не посветила доволно внимание на безбедносните проверки на повратниците од сириското бојно поле.
“Најлесно би било сите тие напади да ги припишеме на карикатурите на едно сатирично списание или да кажеме дека станува збор за расправија на релација Истанбул-Виена-Париз. Меѓутоа, работата е многу посериозна. Ердоган е личноста која ги инспирира младите муслимани да вршат терористички акции и да заведуваат ред во туѓа куќа”, рекол Галијашевиќ за “Срна”.
Според неговите зборови, проблемот на ЕУ и оние кои сакаат во ЕУ, е Ердоган.
“Неговите врски си Муслиманското братство, ориентацијата кон војна, неговото војување на Блискиот исток, во Либија, Сирија, Ирак, војувањето на Кавказ и Нагорно-Карабах, каде праќа радикални исламисти, праќање на таканаречени мигрантски бранови кон Европа е всушност праќање на негови војници тука”, предупредил Галијашевиќ.
Констатирал дека проблемот на Европа е тоа што својата одбрана ја ориентирала на НАТО, а безбедноста се обидела да ја интегрира во рамки на заеднички проект на ЕУ.
“Со тоа се ослабени националните безбедносни агенции, а не е создаден ефикасен заеднички систем за одбрана” , рекол експертот.
Зад наведените напади, истакнал тој, јасно стои радикалниот ислам и матрицата на тероризмот, но овој пат нема организации како Ал Каеда, ИСИС или слични на нив, туку политичари со големи ресурси, врски во “Муслиманското братство” и врски во светот на тероризмот.
Галијашевиќ потсетил на вчерашното барање на Ердоган исламофобијата да биде третирана како антисемитизмот, односно на неговото оправдување за убивањето на невини луѓе по улиците на Париз со навредливите карикатури на Шарли Ебдо.
“Тоа се бесмислици. Исламот не се одмаздува така. Тогаш Французите и Австријците треба на улици наизменично да убиваат муслимани поради овие настани и да кажат – е ова ви е поради тоа”, истакнал Галијашевиќ.
Наведувајќи дека порано или подоцна сите во Европа ќе мора да се соочат со тоа дека Ердоган носи општа нестабилност, воена состојба во континуитет, Галијашевиќ оценил дека турскиот претседател го прави тоа бидејќи земјата му е во криза, валутата на најниско ниво, а паднале и бруто домашниот производ, индустриското производство и надворешнотрговската размена.
“Тој кризата ја решава со предизвикување на судири во цела Европа, Азија и Африка”, заклучил Галијашевиќ и додал дека сега на ред е Европа.
Како посебен проблем Галијашевиќ го гледа тоа што Европа ја потценила лошата мигрантска политика и што се слаби безбедносните процедури кон повратниците од сириското бојно поле.
“Такви војници неконтролирано влегуваат под името мигранти, тоа го нарековме мигрантски бран, а тоа се всушност џихадисти од Ал Каеда и ИСИС”, заклучил Галијашевиќ.