Имаа само неполн ден да разгледаат кои се репрезентациите, кои ќе бидат наши противници, а уште помалку за класично да се подготват за нив. Брестовац вели дека во изминативе денови се подготвуваа како знаат дека одат на СП и затоа си дава за право да рече дека овие момци, иако млади, можат да му се спротивстават на секого.
„Работевме како да одиме на СП и ете, отидовме. Мислам дека со овој состав, којшто е во фаза на формирање, дека сме доволно рамноправни за да се носиме со сите репрезентации во светот, така и со Шведска, Египет и со Чиле. За нас е награда што сме на ова Светско првенство, но не е награда само да учествуваме, секако дека дојдовме за да влеземе во вториот круг, па понатаму секој нареден натпревар би ни бил добредојдена школа. На оваа генерација ѝ претстои светла иднина.“, вели селекторот.
Шведска се соочи со многу откажувања од репрезентацијата, потоа и неколку позитивни на Ковид-19, па не е истата репрезентација, која заврши петта на последното СП, пред две години.
„Се работи за одлична селекција, но нема да бидам скромен и ќе кажам дека, нè очекува една голема битка, еден добар натпревар и сигурно дека нема однапред да се предадеме, колку и да сме слабо подготвени за овој натпревар, во овој краток период“, додаде Брестовац.
Натпреварот се игра од 20.30 часот, а селекторот допрва треба да соопшти кои четворица ќе отпаднат, за да се формира 16-ката која ќе излезе на мегдан со Швеѓаните.