Новиот селектор на македонската ракометна репрезентација, Данило Брестовац го започнува својот мандат. Исланд е првиот противник на Македонија, а Брестовац очекува тешка задача на двомечот со Скандинавците, но со добра подготовка смета дека може да се дојде и до добри резултати.
Брестовац нема да менува многу, бидејќи нема време за такво нешто.
„Очекувам два добри натпревара. Веќе добро се познаваме и тешко дека Исланд може нешто да не изненади, но секогаш ние самите на себе сме си главни непријатели, ако добро се подготвиме со видео-анализи и затвориме се она што можат тие да играат и ако одлично им парираме особено во одбрана ќе имаме успех“, вели Брестовац и додаде:
„Затоа се одлучив повеќе дефанзивни играчи да имам во составот, ќе одиме таму малку и да се „истепаме“ со нив па ќе видиме што ќе се случи. Треба поагресивна одбрана, полесни голови и се надевам на добар сигурен напад, кој ќе донесе добар резултат. Со двајца поискусни играчи, кои може да ни помогнат не само во одбраната, туку и во двете насоки, мислам на Куковски и Никола Марковски, може да ни помогнат во некои сегменти од играта, кои мислам дека ни недостасуваа на СП“.
Брестовац смета дека пласманот на ЕП не е под знак прашалник и покрај неуспехот и неочекуваниот пораз со Грција.
„На секој натпревар одиме на што подобар резултат и на победа. Групата во која се наоѓаме и несреќниот пораз од Грција малку ни нарушуваат некои планови околу подмладувањето и одморањето на некои важни играчи. Како што знаете првите две места водат на ЕП, плус четири третопласирани селекции. Ако бидеме сериозни и максимално ангажирани за сите натпревари мислам дека воопшто не е доведено во прашање нашиот настап на ова големо натпреварување. Се надевам дека и со една победа против Исланд ќе си го обезбедима пласманот и некого да одмориме за јуни“, истакна Брестовац.
Репрезентацијата вчера се собра во Скопје каде одржа тренинг, а денес патува за Рејкавик, каде игра со Исланд во среда со почеток од 21:45 часот. Дуелот во Скопје се игра на 14. април од 20 часот.