Брисел го демантира Вархеји: ЕК не подготвува раздвојување на Македонија и Албанија

542

По серијата изјави на еврокомесарот Вархеји дека е можно Албанија сама да продолжи на европскиот пат доколку Македонија не го реши спорот со Бугарија, неколку медиуми цитираат извори во ЕК кои го тврдат спротивното.

Дали еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји „солира“ со изјавите дека Македонија може да заостане во процесот на проширување на ЕУ доколку не изнајде компромис со Бугарија за историскиот спор?

Денеска и порталот Политико кој редовно информира за случувањата во Брисел, како и дописникот на Волстрит Џурнал цитираат „високи функционери“ на Европската комисија кои велат дека не се подготвува одвојување на Македонија и Албанија.

Во два наврати неделава унгарскиот еврокомесар предупреди дека Албанија и Македонија ќе се разделат на патот кон ЕУ, доколку Скопје не најде заеднички јазик со Софија за историскиот спор.

„Доколку повторно ни се случат потешкотии со Македонија, што значи дека би биле неуспешни во убедувањето на Македонија и на Бугарија да изнајдат обострано прифатливо решение, тогаш ќе се отвори прашањето дали можеме да продолжиме само со Албанија. И ние мора да го разгледаме тоа прашање“, изјави Вархеји вчера за Еуроњуз, алудирајќи на јунскиот самит на ЕУ. Претходно, слична порака испрати и од Скопје.

Синоќа преку Твитер се јави дописникот на Вол Стрит Џурнал од Брисел, Лоренс Норман, кој повикувајќи се на висок функционер на ЕУ, тврди дека ставовите на Вархеји отстапуваат од позицијата на Европската комисија. „Не подготвуваме раздвојување“, велат од ЕК, напротив, Комисијата поддржува брзо отворање на преговорите со двете земји.

Во кус коментар објавен денеска и порталот Политико го тврди истото. Бриселскиот медиум, исто така се повикува на висок функционер кој експлицитно ги демантирал изјавите на Вархеји веднаш откако тој ја дал изјавата за Еуроњуз.