Британскиот уметник и писател Филип Виткомб верува дека е тајно дете на познатиот наркобос Пабло Ескобар.
53-годишниот Виткомб кој сега живее на Мајорка, вели дека е роден како Роберто Сендоја Ескобар, откако, како што вели тој, Пабло Ескобар кој тогаш имал 16 години имал односи со 14-годишната Марија Луис Сендоја.
За наводното раѓање на нивното дете се молчело и додека во неговиот извод не пишува дека Ескобар му е татко, тој тврди дека постои документ за неговото крштевање каде се наведува овој податок.
Виткомб живеел во сиропиталиште на католичката црква во Колумбија, пред да биде посвоен од страна на британскиот пар Патрик и Џоан Виткомб. Тој истакнува дека родителите за прв пат му го споменале биолошкиот татко кога тој имал 24 години.
“Дотогаш не знаев ништо за Пабло Ескобар, а не знаев ни што се има направено”, вели сега таткото на три деца.
“Кога ми раскажаа се за него, не можев да верувам. Тоа беше шок за мене и морав да размислам за својот живот”, додал тој.
Ескобар бил на врвот од својата злогласна кариера кон крајот на осумдесеттите кога Филип ја дознал вистината за своето потекло. Наркобосот бил убиен во 1993 година, откако убил над илјада невини луѓе, вклучувајќи политичари и судии.
Филип верува дека неговите биолошки родители сакале да го заштитат од се додека тој растел.
“Сега гледам дека во текот на целиот живот тие криеле работи од мене и пробувале да ми создадат што е можно понормален живот. Не знам колку е точно, но мислам дека Ескобар дознал за мене и сакал да ме врати”, изјавил Виткомб кој додал дека никогаш не ја пронашол својата биолошка мајка, за која му кажале дека е почината.
Тој сега пишува книга за својот живот и вели дека е во контакт со еден од законските синови на Пабло, но и дека не е сигурен дали сака да остане во контакт со неговото семејство.