Британскиот сој регистриран во осум града во земјава, најмногу случаи има во Охрид

570

Во периодот од 1 до 7 февруари, во Институтот за јавно здравје, се пријавени 649 материјали кои биле секвенционирани за присуство на британскиот сој на ковид-19 од три лаборатории, ИЈЗ, Жан Митрев и МАНУ.

Како што соопшти Министерството за здравство, од секвенционираните, 56 се позитивни за присуство на британскиот сој и од овие резултати е забележано дека е присутен во осум града, а најголем број случаи се откриени во Охрид (25), Прилеп (10) и Кавадарци (4).

Согласно анализите од МАНУ, во последниот период се детектирани поголем број нови варијанти, кои претходно не беа присутни кај пациентите во нашата држава, што може да укажува на континуиран внес на нови случаи на ковид-19 од странство.

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 1 до 7 февруари, тестирани се вкупно 14 398 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 4,8% во однос на минатата недела. Регистрирани сe 2 120 нови позитивни случаи од 34 градови во државата со зголемување од 4,1% во однос на минатата недела.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.011; 47,7%), со неделна инциденца – 163,7/100.000. Највисока неделна инциденца од 415,7/100.000 е регистрирана во Демир Капија.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години. Најмал број е регистриран кај децата до 9 години и од 10 до 19 години.

По добиени два негативни теста на вирусот или како оздравени се регистрирани 3 322 лица или 11,6 отсто повеќе во споредба со минатата недела.

Пријавени се 66 смртни случаи од 21 град, со зголемување од 3,1% во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 58 лица биле над 60 години, пет лица на возраст од 50 до 59 години и по едно лице на возраст 40-49, 30-39 и 20-29 години.