Бруно Фернандеш му пиша на Ристовски: Жал ми е што авантурата во Спортинг вака ти заврши!

592

Македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски од вчера и официјално е дел од хрватскиот првак Динамо Загреб, кој за еден милион евра го купи од Спортинг Лисабон, каде од август лани десниот бек беше во немилост на тренерот Рубен Аморим, кој го избрка од првиот тим и го префрли во втората екипа.

Ристовски во Спортинг мина три ипол години откако дојде после историската „дупла круна“ со Риека, па на сите навивачи на лисабонските „лавови“ им порача дека засекогаш останува горд спортинговец и им се заблагодари за прекрасните моменти во португалската престолнина.

„Имам многу да напишам, тешки времиња беа за мене и моето семејство со самото заминување од клубот и од земјата, но денеска можам да кажам една работа – јас сум горд спортинговец. Ви благодарам за прекрасните моменти. И ве гушкам“, напиша Ристовски.

Експресно му пиша неговиот најголем пријател од Спортинг, Бруно Фернандеш, сега ѕвезда на англискиот великан Манчестер јунајтед, каде замина ланското зимо

„Жалам што твојата авантура завршува на ваков начин со клубот каде секогаш даваше сѐ, каде секојпат ги почитуваше вредностите кои ги бара клуб како Спортинг – напорна работа, чесност и секогаш подготвен за другите. Ти благодарам за сѐ што стори за мене и за клубот во периодот додека беше дел од него. Секогаш беше’цар’ и заслужуваш нова шанса за да ги демонстрираш твоите квалитети. Твоите успеси ќе бидат и мои успеси“, му напиша Бруно на нашиот репрезентативец.

Ристовски го засилува Динамо во пресрет и на стартот на пролетната авантура на „модрите“ во елиминациите во Лига Европа, а стана петти македонски фудбалер кој игра за загрепскиот гигант по Васил Рингов, Гоце Седлоски, Сашко Пандев и актуелниот капитен и македонски репрезентативец Аријан Адеми.