Специјалниот претставник на македонската влада за решавање на споровите со Софија, Владо Бучковски, на заедночката прес конференција со шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, изјави дека земјава останува посветена на целосната имплементација на Договорот за добрососедство. Тој рече дека е свесен оти довербата е изгубена, но дека ќе работи на нејзиното враќање.
„Во наредниот период време е да бидеме повеќе горди на сработеното, на дела, отколку на суетни зборови. Ниту јас, ниту г-ѓа Захариева не можеме да ја смениме заедничката историја, но можеме да ја смениме работата во областа на инфраструктурата, заедничките капитални проекти, соработката во образованието, науката и културата, посилна соработка кон зближување на двата народа и тоа ќе го сториме искрено“, рече Бучковски.