Бугарија и Хрватска испитуваат смртни случаи по вакцинацијата со „АстраЗенека“, во Белгија пријавени случаи на тромбоза по примањето на оваа вакцина

627

Повеќе европски земји ја запреа вакцинацијата со вакцината на „АстраЗенека“ поради појава на случаи со згрутчување на крвта или поради претпазливост. Сепак, СЗО нагласи дека засега нема основани аргументи кои укажуваат дека треба да се стопира користењето на ваквата вакцина.

Хрватската агенција за лекови (ХАЛМЕД) и Хрватскиот завод за јавно здравје испитуваат смртен случај поврзан со згрутчување на крвта по примањето на вакцината „АстраЗенека“.

Како што пренесува „Јутарњи лист“, 91-годишна жена починала од белодробна емболија, 3 дена откако била вакцинирана, а случајот во моментов се истражува. Агенцијата наведува дека е започната постапка за собирање на потребните податоци и нивна проценка, како и дека ќе донесе конечен заклучок што е можно поскоро.

Според хрватскиот портал, ова не е единствениот смртен случај што се истражува во Хрватска поради можна поврзаност со приемот на вакцина. Кај уште 5 починати лица било пријавено сомневање за поврзаност со вакцината бидејќи било утврдено дека временскиот период е близок со периодот на вакцинација, пренесува „Нова Македонија“.

Истрагите уште траат и за тие случаи, а станува збор за лица кои примиле различни вакцини, односно „Фајзер“, „АстраЗенека“ и „Модерна“. Причината за смртта кај нив претежно била срцев удар.

И Бугарија престана да ја користи вакцината на „АстраЗенека“ по смртта на една жена.

Белгија денеска соопшти дека се идентификувани два сомнителни случаи на тромбоза по вакцинирање со „АстраЗенека“, но вакцината засега нема да биде повлечена. Од кабинетот на министерот за здравство на Белгија, Франк Ванденбрук, потврдија дека се разгледуваат случаите на тромбоза, иако тоа не значи дека тие навистина биле предизвикани од вакцината, пренесува „Слободен печат“.

„Станува збор за сигурна и ефикасна вакцина, за сите лица над 18 години и повеќе, и се намалува ризикот од хоспитализација за 94 отсто“, велат од кабинетот на министерот.

Случаи на тромбоза беа детектирани во Данска, Австрија и други европски земји по вакцинација со оваа вакцина. Данска и некои други земји одлучија веднаш да ја суспендираат имунизацијата со вакцината на оваа компанија.