Мариета Николаева, репортерка на БТВ која ја следела реакцијата на институциите во првите часови по тешката автобуска несреќа на автопатот „Струма“, вели дека луѓето биле заробени, знаеле што доаѓа и тоа било вистински ужас.
Кога дознала дека има најмалку 45 жртви, вели дека првично не поверувала и барала да ѝ повторат неколку пати.
„Првичните информации што ги добивме 20 минути по инцидентот беа околу 46 жртви. Не поверував, ми се чинеше апсурдно и замолив да ми повторат неколку пати. Тоа беше првата информација, се знаеше дека автобусот изгорел. Отидовме таму и ги разјаснивме деталите“, изјавила новинарката во бугарската емисија „Тази сутрин“.
„Се приближивме до самото место, собрав информации што се случило. Секако, ги зачувавме деталите на гледачите, бидејќи ужасот е голем“, додала таа.
Колку што таа самата разбрала, надлежните реагирале многу брзо. Директорот на Противпожарната единица за 10 минути бил на местото на настанот, а тоа го потврдуваат и самите македонски власти кои подоцна им се заблагодарија на бугарските колеги за брзата реакција.
„Во овој случај луѓето биле заробени, знаеле што следува. Пожарот избувнал и сè се случило за неколку минути. Тие сфатиле дека се заробени, вратите биле затворени. Според моите информации, двајцата возачи загинале. Возачот зад воланот бил еден од првите кои загинале и затоа вратите останале затворени“, вели Николаева.
Само 7 лица имале вистинска среќа и успеале да се спасат така што го скршиле едното стакло и избегале.
„Според информациите од мои извори, во автобусот всушност биле пронајдени туби. Што имало во нив и дали тие го предизвикале пожарот или придонеле тој да се прошири, ќе се истражува. Претстојат многу тешки експертизи кои бараат многу време“, објаснува новинарката.
„Според пожарникарите, тој силен удар и контактот со заштитната ограда би можел да предизвика пожар. Но, тука имаме едно интензивно горење, тој пожар избувнал ненадејно. Многу е важно да се утврди што го предизвикало тоа интензивно горење.
Новинарката не ја исклучува можноста дека причина за ваквиот тежок инцидент е човечка грешка.
„Во повеќето случаи возачите се всушност виновни за овие несреќи. Сепак, законски не е дозволено двете земји да учествуваат во истрагата. Во овој случај, истрагата целосно ја презема Националната истражна служба. Македонските власти ќе учествуваат до тој степен што ќе бараат документи од бугарска страна“, објаснува Мариета Николаева.