Во адвертајзингот постои долга традиција на потсмевање или омаловажување на конкурентските реклами. Сега, брендот за брза храна Бургер Кинг ја одведе оваа „тактика“ во мобилната ера, со новата апликација „Burn That Ad.“
Со цел да ја промовира новата услуга на бразилската франшиза на Бургер Кинг за нарачка на храна, наречена BK Express, агенцијата David Sao Pauloсоздаде апликација со која може да се скенираат реклами на конкурентските брендови и потоа виртуелно да се „горат“. Откако конкурентската реклама ќе „изгори“, корисникот добива купон за бесплатен Whooper-сендвич, при што секој корисник е ограничен на само еден купон.
Апликацијата е моментално достапна само во Бразил, но нема да биде чудно ако се појави и на други места во светот доколку се покаже популарна помеѓу фановите. Од компанијата очекуваат да поделат 500,000 бесплатни сендвичи за време на промоцијата.
„Изменетата реалност е фасцинантна алатка, а кога ќе се искомбинира и со малку пиротехника, станува уште подобра. Со „Burn That Ad“ ја победивме конкуренцијата искористувајќи ја нашата најголема предност – огнот,“ се пошегува Рафаел Донато, креативен директор на агенцијата David Sao Paulo, во врска со лансирањето на апликацијата.