Бурни реакции во судницата од роднини на загинатите во несреќата кај Ласкарци

755

Спора правда и ретки рочишта. Дел од роднините на загинатите и повредените во автобуската несреќа кај Ласкарци што се случи пред 16 месеци, не се задоволни од динамиката на водење на судскиот процес. Денеска бурно реагираа во судница, кога судиите, следно судење го закажаа за втори јули, без да има уште еден термин месецов. Дополнителна нервоза кај семејствата предизвика и тоа што шесто обвинетиот, возачот на автобусот Маноил Трифуновски, беше донесен во судница од куќен притвор со доцнење од час и половина.

„Не знаеме што се случува, многу споро оди. Еве, следното рочиште е закажано речиси по еден месец. Стално имаат предност некои други предмети. Не знам. Оваа сообраќајка одзеде 16 животи, голема трагедија, плус за другите што беа повредени“, рече Предраг Ефтовски.

На одлуката на судиите да не дадат термин во јуни, освен денешниот, реагираше и обвинителот, Дарко Јакимовски. Но, судиите одговорија дека вина во судот нема, а процесот бил запрен поради корона вирусот. Инаку, денеска сведочеше технички советник на одбраната, кој презентираше негово вештачење за несреќата, за кое рече дека не е последица од пропустите при техничкиот преглед и неправилности на автобусот.

Вештачењето на Машинскиот факултет пак, покажа дека неисправноста на сопирачките на автобусот на фирмата „Дурмо Турс“ и брзината се причина за несреќата на 13 – ти февруари лани, во која имаше 16 жртви и 38 повредени.

Во овој случај обвинет е сопственикот на „Дурмо Турс“, Дурмиш Белули, возачот на автобусот тој ден, Маноил Трифуновски и уште четири лица.