Фановите на пејачката од Барбадос нетрпеливо го чекаа денот кога Ријана ќе ја објави продажбата, па беа подготвени веднаш да ја купат. Откако минатата година направи “бум” со козметичката линија Fenty Beauty, истото се случи и со долната облека која е наменета за сите девојки со различни конфекциски броеви. Колекцијата ја промовираа познати манекенки со различни фигури и боја на кожа, како и плус сајз Инстаграм ѕвездата Одри Ричи.
“Жените треба да носат долна облека исклучително поради себе. Се надевам дека барем малку ќе ги охрабрам да пронајдат сила во себе и да го сакаат своето тело. Нема никаква смисла ако сите тежнееме кон еден идеал и изгледаме исто. Нашиот шарм е во различноста, додека со модата и долната облека треба да си играме и забавуваме. Сакам жените кои ќе ги носат овие модели да си помислат “баш сум опасна женска” и да сфатат дека поседуваат своја и единствена убавина”, изјави Ријана.
30 годишната Ријана, која има осум платинум албуми е на седмата позиција според Форбс за најплатени ѕвезди во музичката индустрија со цифра од 35 милиони долари според минатогодишната заработка. Соработката со спортскиот бренд Пума ѝ донесе заработка од една милијарда долари, додека Fenty Beauty во соработка со брендот Кендо беше прогласена за најдобрата соработка за минатата година.
Ријана е филантроп, пред 6 години ја основаше фондацијата Клара Лајонел Фандејшн, непрофитна американска организација која собира средства за најсиромашните делови од светот.