Македонија ќе добие регистар на вистински сопственици. Од 1 октомври следната година секое физичко лице при иницијална регистрација во Централниот регистар ќе потпишува и изјава за сопственост на удели во други субјекти. Целта е спречување перење пари и да не може да се префрлаат средства од едни на други правни лица.
Ова го најави Марија Бошковска-Јанкоски, директорка на Централниот регистар на Република Македонија, на одбележувањето 16 години работа на оваа институција.
– Законот за спречување перење пари и финансисрање тероризам е донесен во Собранието, а ние како Централен регистар имаме законска обврска до 1 октомври идната година да го имплементираме регистарот на вистински сопственици. Се уште се работи на правилникот и на сите останати мерки што треба да се имплементираат, а работиме заедно со Управата за финансиско разузнавање и финансирање тероризам, изјави Бошковска-Јанкоски.
Таа појасни дека при иницијалната регистрација секое физичко лице ќе треба да дава изјава во која ќе наведе дека нема удели или други субјекти на негово име и додаде дека покрај новите ќе треба и постојните сопственици на фирми да поднесат таква изјава во Управата.
Воспоставувањето на ваквиот регистар, како што рече директорката е согласно ЕУ директивите.
Таа најави дека од наредната година ќе профункционира и регионалниот портал на кој ќе може да се добиваат информациите. Порталот е финансиран од Европската банка за обнова и развој. Засега е во демо верзија, до крајот на годината ќе бидат достапни бесплатни информации за корисниците кои и сега ги добиваат, а од февруари и за комерцијални потреби.