Чеферин: Ми нудеа 3,5 милијарди евра за да ја ‘одобрам’ Суперлигата!

439

Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александер Чеферин откри дека пред еден месец добил неморална понуда тешка неверојатни 3,5 милијарди евра од луѓе блиски до основачите на контроверзната Суперлига за да отстапи од битката за нејзино дефинитвно згаснување и практично да ја одобри.

Чеферин сето ова го открива само една недела откако Европскиот Парламент ја усвои резолуцијата која се спротивставува на проектите како Суперлигата, во која стои дека „недозволиви се било какви деструктивни натпреварувања кои не се водат по принципите на вредностите и солидарноста кои се основен темел на Европската унија“.

Словенецот не откри премногу детали околу неморалната понуда и што сѐ требало да направи за џиновската сума на пари, но само потенцира дека веднаш ја одбил со зборовите – не сум луд!

„Ми рекоа: ‘Што ако ви дадеме 3,5 милијарди евра и вие за нас тоа да го направите (да ја формирате Суперлигата – н.з.)’. Јас само им реков дека тука некој е луд! Или тие се луди или јас сум луд! А, бидејќи јас не сум луд, повеќе не се јавија. Тој капитал постојано ќе доаѓа, но мислам дека барем десет години ќе бидеме мирни“, откри Чеферин.

Суперлигашите (Реал Мадрид, Барселона и Јувентус) ја победија УЕФА со судската забрана да бидат казнети за обидот во април годинава да ја формираат контроверзната лига, а сега во новата 2022 година ќе ја чекаат одлуката на Европскиот суд на правдата во Луксембург околу монополот на УЕФА, како почетна точка за продолжување на создавањето на ова натпреварување, во кое основна цел на суперлигашите е тие да ја контролираат лигата, односно финансиите, а не тоа да го прави УЕФА.