Православната црква во Романија се соочува со зголемен притисок да ги смени ритуалите на крштевање откако бебе почина по церемонијата што вклучува потопување на доенчиња три пати во света вода.
Детето од шест недели доживеа срцев удар и беше пренесено во болница во понеделникот, но почина неколку часа подоцна, а при обдукцијата беше откриена течност во неговите бели дробови. Обвинителите отворија истрага за убиство против свештеникот во североисточниот град Сучеава.
Петиција преку Интернет, која повикуваше на измени во ритуалот, собра над 56.000 потписи до четвртокот вечерта. „Смртта на новороденче поради оваа практика е огромна трагедија“, се вели во пораката со петицијата. „Овој ризик мора да се исклучи за триумф на радоста на крштевањето“.
Еден корисник на Интернет ја осуди „бруталноста“ на ритуалот, а друг ја критикуваше „тврдоглавоста на оние што мислат дека е волја на Бога“ да се одржи.
Локалните медиуми пишуваат за неколку слични инциденти во последните неколку години. Портпаролот на црквата Василе Банеску рече дека свештениците можат да истурат малку вода на челото на бебето, наместо целосно потопување. Но, владиката Теодосие, водач на традиционалистичкото крило на Црквата, рече дека ритуалот нема да се промени.
Повеќе од 80% од Романците се православни и Црквата е една од институциите со најголема доверба, според неодамнешните анкети на јавното мислење.