ЦРВЕНО-ЖОЛТА РАПСОДИЈА: ЧУДО ВО СКОПЈЕ, ПАДНА СВЕТСКИОТ ПРВАК ДАНСКА

2574

Македонската ракометна репрезентација под водство на новиот селектор Кирил Лазаров експлодира против Данска, дојде до победа (33-29) во првиот меѓусебен меч и застана на првата позиција во квалификациите за Европското првенство (ЕП) кое се игра во 2022 година.

Светскиот првак ја загуби главата во Скопје! Данците влегоа во овој натпревар премногу растеретени, дојдоа во Македонија на ден на натпреварот, па доживеаја дебакл кој сигурно ќе одекне во ракометниот свет како голема сензација. Лазаров покажа дека го разбира ракометот, првиот натпревар вечно ќе се памети, а оваа победа има и големо значење во битката за ЕП затоа што сега Македонија направи голем исчекор кон континенталниот собир.

Уште од стартот на натпреварот Македонија покажа некоја нова енергија од онаа што ја покажуваше на Мундијалот во Египет. Филип Талески играше како препороден, па со два гола донесе позитива од 4-2. Поддршка му беа Манасков и Велковски. Тука беше и Митревски, со две одбрани. Двете селекции беа резултатски блиску до 9-8, па Митревски влезе во елемент, му фати зицери на Хансен и дојде до бројката од шест одбрани, а на спротивната страна се постигнаа три лесни гола, за 12-8. Меѓу нив беше и атрактивен цепелин на Лазаров и Талески.

До паузата, Македонија ја задржа предноста од четири гола (16-12), а на Данска не ѝ помогна ниту играта „седум на шест“, затоа што потоа прими три гола во празната мрежа. Одбраната на нашиот национален тим функционираше одлично, Данците немаа шанса да се приближат во вториот дел, а Македонија константно се одлепуваше. Беше 18-14, па 19-15, за првпат да се дојде до „плус пет“ кога на семафорот стоеше 21-16.

Откако Данска постигна гол за 21-17, Македонија влезе во неверојатна серија. Четири гола се постигнаа во мрежата на Ландин во низа, за највисоки осум гола предност (25-17). Во остатокот од натпреварот се одржуваше таа висока предност и Македонија на Лазаров не дозволи сензационален кам-бек на светскиот првак, иако во еден момент позитивата на Македонија од осум гола беше преполовена.

Македонија и Данска ќе одиграат уште еден меѓусебен натпревар следната седмица. Закажан е во Алборг, в понеделник од 16:00 часот.