Дал отказ и отишол на другиот крај на светот да биде покрај болната девојка

681

Дејв Балтер (31) не размислувал долго кога девојка му Емили Гослин (31) му рекла дека ѝ е дијагностициран канцер на јајниците.

За неколку денови дал отказ, ги спакувал куферите и од Канада се преселил во Велика Британија. Дејли Меил пренесува дека тоа се случило во март годинава.

Не му пречело тоа што се знаеле само неколку месеци и никогаш не живееле во ист град, само почувствувал силна потреба да биде покрај неа.

Планирале да живеат заедно во Ванкувер, Канада, но болеста го одложила тоа за неколку месеци. И покрај нејзината тешка болест, двајцата одлучиле да останат позитивни, а нивната силна врска и љубов допринеле за тоа. Неодамна се преселиле заедно во Канада, како што планирале пред да дознае дека е болна.

„Една позитивна работа поврзана со страшната дијагноза е тоа што почнавме да живееме заедно порано од што планиравме, иако ситуацијата не беше таква каква што ја замислувавме. Нема сомнеж дека месеците кои ги поминавме во Лондон ја зајакнаа нашата врска. Постојано беше покрај мене. Иако нашиот првичен план и тоа како беше полесен, никогаш не би го променила ова искуство и времето кое го поминавме заедно“, рекла Емили.

Раскажала како се запознале. Вели дека некое време живеела во Онтарио, каде работела на семејниот бренд „Goslings Rum“. За време на едно патување и претставување на румот, го запознала Дејв, кој работел како директор на вински ресторан. Веднаш забележале силна хемија, но Еми во тој момент знаела дека наскоро ќе се сели во Лондон, каде ќе живее најмалку една година, но одлучиле да ја продолжат врската на далечина.

„Веднаш знаев дека има нешто посебно поврзано со Дејв и бев толку возбудена што заедно ќе градиме иднина. Додека живеев во Лондон, поминавме часови и часови планирајќи го својот живот, како ќе го декорираме станот, каде ќе патуваме и како ќе го поминеме нашиот заеднички живот“, раскажала таа.

Се потсетила и на периодот пред дијагнозата

„Почнав многу да се потам навечер, стомакот ми беше потечен, ме болеа бубрезите и константно бев уморна, а како што поминуваше времето, се чувствував сè полошо. Докторот најпрво ми рече дека тоа можеби е поради стрес или чир во желудникот. Меѓутоа, набрзо ми беше дијагностициран канцер на јајниците. Кај Дејв беше 5 часот наутро кога ми соопштија за болеста“, рекла Емили.

Неколку денови подоцна поминала уште некои испитувања и вестите биле добри – канцерот не се проширил. Дејв допатувал една недела после првата дијагноза. Ја прегрнал силно и заедно отишле кај нејзиниот онколог, за да им го каже начинот на лекување.

„Чекањето да се преселам во Ванкувер во тој момент не доаѓаше предвид, бидејќи туморот беше премногу агресивен и истиот ден британските лекари почнаа со хемотерапија. Имавме еден час пред да се вратам во болницата. Појдовме во најблискиот парк. Таму ми рече дека ќе даде отказ и ќе остане во Лондон со мене. Почувствував огромно олеснување, но во тој период бев многу лута што ракот не го поремети само мојот живот, туку и неговиот“, додала девојката.

Емили поминала низ неколку хемотерапии и била на операција на која ѝ го отстраниле десниот јајник, десниот јајцевод, слепото црево и лимфните јазли. Зафатот добро поминал и онкологот ѝ дал “зелено светло“ за да оди во Ванкувер и таму да продолжи со лекување.

„Десет дена после зафатот се видовме со мојот лекар за да ги видиме резултатите. Иако се надевавме дека сè ќе биде добро, дознавме дека и на мојот лев јајник се појавил проблем. Втората операција беше закажана многу скоро, на 7-ми ноември“, вели оваа храбра жена и признава дека знае наутро да се разбуди и да се запраша дали воопшто некогаш ќе може да има деца. Вели дека Дејв бил и останал најголемата поддршка во нејзиниот живот.

„Низ целиот процес Дејв никогаш во мене не предизвика чувство дека сум го заробила со својата болест или пак дека е лут поради пресвртот во животот. Тој е најсилниот човек кој некогаш сум го запознала и беше покрај мене во секој чекор. Имам чувство како да се познаваме цел живот“, заклучила Емили.