24-годишен жител на Тетово се снимал како вози со брзина од 300 километри на час, а снимката ја објавил на социјалната мрежа „ТикТок“.
Како што соопштија од МВР, Тетовецот со својот автомобил марка „БМВ“ дивеел на високо фреквентниот автопат Гостивар – Тетово, по што бил санкциониран со 400 евра и одземање на возачката дозвола до една година.
„24-годишниот тетовец Б. Ј., возач на патничко моторно возило „бмв“ со тетовски регистарски ознаки, околу 12 часот и 30 минути на автопатот Гостивар-Тетово се движел со брзина од 300 километри на час, се снимал, а потоа видеото го поставил на социјалната мрежа Тик-ток. Согласно член 36 точка 3 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, изготвен му е поднесок и тој ќе се соочи со парична глоба од 400 евра во денарска противвредност, а ќе му биде изречена и заштитна мерка – времено одземање на возачката дозвола до една година“, соопштија од СВР Тетово.
Последниот случај повторно го отвора прашањето дали е потребно воведување на поригорозни казни против ваквите несовесни возачи, кои и покрај зачестените контроли на МВР, продолжуваат да дивеат на патиштата низ земјава.
Да потсетиме, во текот на минатиот месец на истиот автопат, полициски радар фати возач кој со својот автомобил се движел со брзина од 212 километри на час. Инаку, максималната дозволена брзина на автопатот Гостивар – Тетово изнесува 80 километри на час.