Министерството за внатрешни работи, вчера, по налог на Јавното обвинителство имало акција за апсење на седум полициски службеници, поврзани со трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, а кои се сомничат за несовесно работење во служабата и за злоупотреби.
Имено, првиот човек на обвинителството, Љупчо Коцевски, паралелно додека траела полициската акција на Бирото за јавна безбедност за приведување на седумтемина осомничени полициски службеници, ја обелоденил операцијата на органите за безбедност која била во тек, додека гостувал во живо во емисија на една национална телевизија.
Како што велат извори од истрагата за НетПрес, полициската акција само што почнала, а споделувањето на таква информација би можела да биде аларм за осомничените, кои требало да бидат приведени.
До раните утрински часови денеска, полицијата успеала да уапси шестмина од осомничените, додека по седмиот, кој живее во Штип, сеуште трага.