Дали се појави суперносител на коронавирусот во Европа?

876

Докторите предупредуваат на можноста во Европа веќе да се има појавено суперносител на смртоносниот коронавирус кој досега усмрти над илјада луѓе.

Веќе имаше информации за случаи со суперносители во Кина, а сега сомнежот паѓа и врз еден Британец кој престојувал во Сингапур, се заразил со опасниот вирус, а потоа го пренел на четири лица од Велика Британија, пет во Франција и можеби едно лице во Шпанија, пренесува британски „БиБиСи“.

Раното идентификување на случаеви со суперширење е важно затоа што таквата појава би можела да биде знак дека епидемијата нема да биде лесно да се контролира. Појавата со суперширењето на САРС во 2003-та година предизвика нагло влошување на ситуацијата.

За суперносител се смета лицето кое успева да зарази многу поголем број на луѓе од тоа што се очекува од одредена болест.

За време на епидемијата на САРС во Пекинг, епидемиолозите како суперширење ги дефинираа лицата кои заразиле повеќе од осум лица. Во таа епидемија за среќа биле забележани само неколку случаеви на суперносители.

Еден од нив бил доктор кој и покрај симптомите на САРС, отпатувал во Хонгконг за да присуствува на венчавка во неговото семејство. Таму заразил 16 луѓе. Друг бил 54-годишно лице кој покрај САРС имал повеќе хронични болести. Тој во болницата заразил дури 33 лица.

Суперносителите не мора нужно да покажуваат симптоми на болеста. Истражувањата покажаа дека тоа се лица кои во текот на инфекцијата излачуваат поголем број на патогени од вообичаено. На тој начин, луѓето кои доаѓаат во контакт со нив се изложени на поголем број на вируси или бактерии за истото траење на контактот.

Како суперносителот влијае на развојот на епидемијата?

„Суперносителот игра голема улога на почетокот на било која епидемија“, изјави доктор Џон Едмундс од универзитетот “London School of Hygiene and Tropical Medicine”.

Имено, најголемиот дел од новите епидемии, вклучувајќи го коронавирусот преминуваат од животни на луѓе. После преносот на првиот пациент, ширењето на вирусот може некое време да „паузира“ се додека не дојде до голема епидемија. Суперносителите го забрзуваат тој процес и поттикнуваат настанување на епидемија.