Дали утре Советот за безбедност ќе прогласи полициски час?

610

Претседателот на Македонија Стево Пендаровски за утре, точно на пладне, закажа седница на наационалниот Совет за безбедност, на која, како што е соопштено, покрај редовните членови на Советот, е поканет и министерот за здравство, Венко Филипче. Синоќа премиерот Зоран Заев најави дека е можно да се разговара за воведување на полициски час кој би започнувал во 17 или во 18 часот, како мерка за намалување на ширењето на коронавирусот.

„На десеттата седница на Советот за безбедност ќе се разговара за актуелната ситуација со пандемијата на ковид-19 на територијата на Република Северна Македонија и мерките и активностите на надлежните институции”, се вели во соопштението од кабинетот на претседателот на Македонија Стево Пендаровски.

Синоќа, во интервју за ТВ 21 премиерот Зоран Заев најави можност да се отпочне со воведување на полициски час, со цел да се стави под контрола ширењето на коронавирусот.

„Се размислува и за некоја форма на карантин или други рестриктивни мерки. Ги правиме анализите и ќе стигнеме до следните чекори. Мнозинството во комисијата е на ставот дека полициски од 21 часот нема да даде некои резултати, додека ако биде од 17 или од 18 чсот ќе има подобри резултати и сето тоа сега се одмерува и овие денови ќе биде одржан состанок на Советот за безбедност кај претседателот Пендаровски. Можно е таму да се дефинира некоја од мерките”, рече премиерот Заев, и додаде дека во вонредна состојба државата има можност времено да национализира и сите капацитети да бидат ставени на располагање еднакво за сите граѓани, но јавниот здравствен систем е опремен и има стручни кадри за справување со оваа ситуација.