Дали Вардар останува без еден пикер, Патрик Валчак сака да си оди?

484

Иако тимот почна да расте, играчите да се навикнуваат еден на друг, многу е веројатно дека Вардар ќе претрпи една загуба во играчкиот кадар и тоа полскиот пикер Патрик Валчак, за кого дознаваме дека сакал да си замине од црвено-црните редови.

Неговата желба да си оди од Вардар, била поради тоа што бил незадоволен од минутажата која ја добива, особено во натпреварите од Лигата на шампионите, кои се приоритет. Со доаѓањето на Жереми Тото, Французинот се наметна како офанзивна опција, а капитенот Стојанче Стоилов не може да остане без своите минути, па 29-годишниот Валчак го почувствувал тоа и посакал да си оди.

И минатата сезона во Вардар имаше уште еден пивот, Глеб Каракаш, но тој беше повеќе дефанзивно ориентиран, па Валчак добиваше шанса. Од она што досега го играше, постигна три гола во Лигата на шампионите.

Со неговото заминување сигурно товарот ќе падне врз Стоилов и врз Тото, но истовремено тоа ќе значи отворена врата и за 22-годишниот Стефан Атанасовски, кој со своите 207 сантиметри, порано или подоцна мора да се наметне. Иако, нема да биде чудно ако црвено-црните решат да доведат странец како уште една опција за најтешката позиција во тимот.

Валчак дојде од Либек, од Бундеслигата на почетокот на сезоната 2020/21 и имаше договор до јуни 2022.