Спорот меѓу Македонија и Бугарија бара мудрост и смиреност, вели претседателот на ДУИ, Али Ахмети, додавајќи дека треба да се застане рамо до рамо со Македонците за решавање на проблемот.
-Ние не можеме да не бидеме на страната на нашите сограѓани Македонци-рече Ахмети.
Ахмети вели дека очекува историчарите и лингвистите да им дадат насока на ваквите спорови, со цел ова прашање да не потрае бидејќи, како што вели, може да се зголемат емоциите и преписките уште повеќе. Помош бара и од Европската унија.
-Сигурно и со Бугарија ни треба олеснување од меѓународната заедница, особено од ЕУ, бидејќи Бугарија е земја-членка на ЕУ-вели Ахмети.
Ахмети рече дека на официјална Софија ѝ е испратена понуда, но не сакаше да открие повеќе детали, велејќи дека првин ќе ја почекаат реакцијата на Бугарија. Во меѓувреме, премиерот Зоран Заев, пак, уверува дека не се зборува за отстапки од македонската страна.
Како премиерот Заев, така и првиот човек на интегративците, Ахмети, последниве денови даваат сигнали дека до крајот на годинава ќе се постигне договор меѓу Скопје и Софија.
Заев е убеден дека средбата со неговиот бугарски колега, Бојко Борисов ќе се случи на вториот Совет на министри на ЕУ кој треба да се одржи во декември.