Резултатите од американското истражување на вакцината на AstraZeneca можеби се добиени со користење на застарени податоци, објавија утринава од американскиот Национален институт за алергии и заразни болести „НИАД“.
AstraZeneca вчера објави дека вакцината против коронавирусот која ја разви во соработка со Универзитетот Оксфорд покажала ефикасност од 79% во големото истражување спроведено во САД, Чиле и Перу.
„ДСМБ изразија загриженост дека AstraZeneca можеби користела застарени податоци при тоа испитување, кои можеби дале нецелосен приказ на податоците за ефикасноста“, соопштија од американската агенција, реферирајќи на независниот Одбор за безбедност на податоците „ДСМБ“.
„Бараме од компанијата да соработува со ДСМБ во преиспитувањето на податоците за ефикасноста и да осигура што е можно поскоро да се објават најточните и најнови податоци за безбедноста“, соопштија од американскиот Национален институт за алергии и заразни болести „НИАД“.
Одборот за безбедност на податоците вчера изрази загриженост поради тоа што AstraZeneca можеби пружила нецелосен приказ на податоците за делотворноста на вакцината со користење на застарени податоци од истражувањето на вакцината во САД.
Да потсетиме, вчера од AstraZeneca соопштија дека нивната вакцина против коронавирусот овозможува силна заштита за возрасните лица од повеќе старосни групи. Ова истражување требаше да помогне повторно да се изгради доверба на јавноста во вакцината на AstraZeneca со оглед на тоа што оваа вакцина е пред добивање на одобрување за користење во САД.
Од самиот почеток на користењето, вакцината на AstraZeneca ја следат бројни контроверзии. Најпрвин голем број европски земји забранија да се користи за лица постари од 65 години затоа што компанијата не извршила доволен број на клинички тестирања со кои би докажала дека вакцината е ефикасна и за постарите лица.
Овој месец, Германија, Франција, Италија и уште неколку други европски земји привремено целосно го стопираа вакцинирањето на населението со вакцината на AstraZeneca откако се појавија неколку случаи со згрутчување на крвта кај лица кои ја примиле вакцината, а еден здравствен работник од Данска дури и почина како последица на тоа.
Во меѓувреме, истражувањето кое го спроведе Институтот за истражување на јавното мислење “YouGov” покажува дека расте бројот на граѓани на Франција, Германија, Италија и Шпанија кои сметаат дека вакцината не е безбедна, иако научните студии и натаму тврдат дека вакцината е безбедна.