Денес се празнува голем празник: Преображение Господово

863

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 6 август. Денеска е Преображение Господово.

Празникот Преображение по својата смисла и значење за човечкиот род е еден од централните христијански празници. Се базира на настанот на Христовото преобразување, т.е. покажување на неговата божественост пред најблиските ученици Петар, Јаков и Јован на Таворската Гора кратко време пред неговото страдање во Ерусалим.

Важноста на овој настан за човечкиот род е одлично искажана во зборовите што апостол Петар ги кажува во некакво изумување, а кои сведочат за значењето на непосредниот однос на човекот со Бога. Тие зборови се: Господи, добро ни е овде. Во црквата смислата и значењето на празникот секогаш најдобро се искажуваат во тропарот на денот, кој за овој празник гласи: Си се преобразил на гората Христе Боже, покажувајќи им ја својата слава (божественоста) на твоите ученици, колку што можеа да примат; и нам грешните да ни заблеска твојата вечна светлина, т.е. светлината на вистинското знаење, богопознание.

Историјат на празникот

Нашата Света Црква, сеќавајќи се на сите настани од земниот живот на Господ Исус Христос, и овој пат пред нас изнесува еден чудесен по својата длабока смисла празник – празникот на Неговото Преображение на Таворската гора.

Овој празник е востановен во спомен на собитието на Тавор, кое се случило четириесет дена пред Христовата смрт и распетие. Кога Господ забележал дека апостолите не можат да ги разберат претстојните Негови страдања и дека во срцата се исполнуваат со тага, за да не ослабнат во својата вера, ревност и љубов кон Него ги извел на Таворската гора, и им се покажал во Својата ненадминлива и несоздадена слава.

Ако, како што веќе спомнавме, овој празник се случил непосредно пред страдањата Христови, односно пред точно четириесет дена, тогаш би требало тој да се празнува некаде во месец март, според празнувањето на Воскресението. Но, тоа време се совпаѓа со периодот на Светата Четириесетница и бидејќи не би можело да се торжествува во периодот на Великиот Пост, затоа овој празник е пренесен на 6/19 август. Датумот не е случаен, бидејќи е четириесет дена пред празникот „Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст“ (14/27 септември), кој наликува на Велики Петок. Празникот Преображение, започнал да се слави во источниот дел на Византиската Империја во периодот помеѓу VI – VIII век. Веќе во VIII век тој е раширен низ сиот христијански Исток, а додека на Запад, иако почнал да се празнува малку порано, својот конечен облик го добил дури во XV век.

Инаку, специфично за овој празник е тоа што на Литургијата после задамвоната молитва се благословува и осветува грозјето. Тогаш за прв пат може да се јаде од овој плод.

Таинствената смисла на празникот Преображение Господово

Во мигот на Преображението Христос ги озари апостолите со Својата неискажлива светлина, и сакајќи да им ја покаже светлината на скорешното Негово Воскресение, Он истовремено им ја покажа и првобитната човечка убавина. Он сакаше човекот да го дознае своето потекло, да види чиј образ тој го носи, во каква слава, и чест, и убавина е создаден и кон што е повикан. Црквата, пак, таа силна чуварка на Свештеното Предание, го упатува својот повик до човекот, до осознавање и постигнување на неговата најдлабока и најсуштинска животна цел – неговото лично преображение, обожувањето, кое е гледање на несоздадената светлина. Таа, пак, е „доживување на Царството Божјо… и паралелно со тоа, предвкус на идните блага… “, Преображението ни покажува и што претставува нашето собирање како Црква: тоа не е просто собирање на луѓе, туку собирање на преобразени личности кои се поврзани со врските на љубовта, радоста во Бога, заради прослава на Неговата жртва за спасение на човештвото.

Ако „Преображението е централен настан на сотириолошкото учење на Црквата, бидејќи ја покажува целта на постоењето на човекот“ (о. А. Шмеман), а таа е личното преображение и обожение, тогаш таа истовремено и го поттикнува човекот да дојде до посакуваната цел. И за да би можел човекот да го доживее тоа, најнапред треба да го очисти своето срце. По мерата на очистувањето на нашето срце, добиваме и просветлување одозгора.

Во овој контекст, Црквата нѐ повикува и кон нашето лично искачување на Таворската гора, за и нам да ни биде добро („Господи, добро ни е да бидеме овде“, Му рекле апостолите на Христа), за да Го чувствуваме Божјото благодатно присуство, посакувајќи тие мигови никогаш да не завршат. Но истовремено таа и нѐ потсетува дека заради нашите слабости можеме од таму, од Тавор, да се најдеме на Голгота. И пак вели, дека за да се искачиме на Тавор, претходно треба да се распнеме на Голгота. Нејзиниот непрестаен повик е „непрестајно искачување и еволуција. Во Црквата зборуваме за еволуција на човекот, не од мајмун до човек, туку од човекот кон Бога. Оваа црковна теорија за еволуцијата дава смисла за живот и ги задоволува сите внатрешни проблеми и егзистенцијални немири на човекот.

Значи, Преображението Христово е основен момент во животот на човекот. Впрочем, живееме во Црквата и не се стремиме да бидеме само добри луѓе, туку да бидеме богови по благодат“ (о. А. Шмеман). Црквата денес нѐ кани да ги отвориме дверите на нашето срце, за таму да Го населиме Бога и сите луѓе, да подариме повеќе љубов, да се преобразиме не само себеси, туку со својот живот, со својот пример и сите околу нас. На таква висина денес нѐ кани Црквата.