Денот кога Марадона го научи Меси како се шутираат слободни удари

1046

Два дена по натпреварот против Ливерпул, уште се пишува за волшебниот слободен удар на Лионел Меси за 3-0 на тој натпревар.

Последните години ударите од далечина на Меси станаа пекол за противничките голмани, Аргентинецот се усоврши за такви шутеви, но малкумина знаат како почнал да учи тоа. Открива поранешниот кондициски тренер во аргентинската репрезентација Фернандо Сињорини.

„Во февруари 2009 година, неколку месеци откако Диего Марадона ја презеде селекторската функција во аргентинската репрезентација, отидовме на пријателски меч во Франција. Ден пред мечот трениравме на стадионот, а по тренингот, Маскерано, Тевес и Меси прашаа дали можат да останат и да вежбаат слободни удари. Ударот на Меси отиде далеку над пречката, тој се изнервира и тргна кон соблекувалната.

Марадона збесна, не му се веруваше дека играч со талентот на Меси може да отиде под туш по толку лош слободен удар. Беше како учител со ученик. Му рече дека не треба стапалото толку брзо да го трга од топката и потоа само ја сврте кон аголот. Меси го гледаше со воодушевување“, вели Сињорини.

Една деценија подоцна, покрај другото, Меси е и најдобар изведувач на слободни удари во светот.