Детали од договорот на Меси: За четири години заработил 555.000.000 евра!

520

Шпанскиот весник „Ел Мундо“ ексклузивно во своето неделно издание ги открива економските детали од договорот кој Лео Меси го потпиша со Барселона пред четири години. Истиот весник наведува дека тој „фараонски договор ја уништил Барселона“. Секако, приказната се најде на насловната страница, заедно со сумата од 555.237.619 евра бруто. Толку Меси заработил, односно ќе заработи од 2017 до крајот на договорот, поточно до 30 јуни оваа година.

„Ел Мундо“ сето ова го потврдува и со документи, а дел од договорот може да се види и на сајтот.

Сепак, една работа мора да се земе предвид, а тоа е што Меси, како и останатите играчи, се согласи на намалување на платата во два наврати во изминативе година дена со цел да му помогне на клубот. Но, тие пари тој во секој случај ќе треба да ги добие кога ќе дојдат подобри денови за Барселона, така што тие „простени“ пари ќе дојдат на наплата кога-тогаш, само сумата која е наведена погоре нема да ја заработи до 30 јуни.

Како и да е, весникот уверува дека Аргентинецот во ноември 2017 година потпишал договор кој му носи до 138.000.000 евра по сезона! Договорот вклучува два бонуси: еден за прифаќање на продолжување на договорот (115.225.000 евра) и уште еден за лојалност (77.929.955 евра).

Споменатиот договор на Меси и Барселона завршува на 30 јуни. А запечатен е во ноември 2017 година. „Десетката“ на Барселона веќе обезбеди 92% од заработката од договорот и покрај не така добрите игри на Барселона оваа сезона, како и во претходните. „Ел Мундо“ вкупната сума на заработката на Меси од 2017 до 2021 година ја проценува на 555.237.619 евра бруто.

„Цифрата е сума од фиксната плата, медиумските права, серија бонуси и варијабли“, пишува „Ел Мундо“. Кога ќе се одбијат даноците, проценката е дека Аргентинецот инкасирал околу 297.000.000 евра. Тоа е нешто повеќе од половина од бруто сумата. Отприлика, тоа е околу 74.000.000 евра нето годишно, или околу 210.297 евра дневно нето заработувачка.

Секако, веднаш се појавија приказните околу тоа зошто информациите се пуштени во етер, зошто токму сега, а секако дека и изборите во Барселона се можна и реална причина за целата оваа фама.

Некои шпански новинари проценуваат дека појавувањето на овие информации се уште еден обид Меси да се „избрка од клубот“. Одонсно дека информациите до весникот стигнале токму „од клубот“.

За потсетување, Лео Меси летоска сакаше да си оди од клубот незадоволен од хаосот во клубот кој трае. Успеа Барселона некако да го задржи на сила, но следното лето ништо не се прашува. Договорот на Меси со Каталонците истекува на крајот од оваа сезона и Аргентинецот ќе може да бира нов клуб.

Треба да се случи вистинско чудо и да следува голем пресврт во функционирањето на клубот со цел Меси да се смилува да остане и да потпише нов договор. По ова појавување на информации, навистина делува тека многу тешко ќе се случи такво нешто.