Детали за престрелката во Маџари: Ги удриле со автомобил, па пукале кон нив, повредено и 13-годишно дете

1232

МВР објави детали за учесниците во престрелката што се случи вчера во Маџари, кога едно лице заврши со повреди, а две лица беа приведени. Дополнително, велат од полицијата, било пријавено дека и 13-годишниот син на повредениот, кој бил во возилото, бил пренесен во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“, бидејќи се пожалил на повреди на главата.

„Д.З.(48) од Скопје, додека се движел од улица Перо Наков со патничко возило ‘фолксваген голф’ со скопски регистарски ознаки, во кое сопатници биле неговиот брат и внукот, во близина на приклучувањето на улица Благоја Стефковски, од споредната улица со голема брзина ги удрило друго патничко возило ‘фолксваген голф’ со скопски регистарски ознаки, управувано од А.И.(39), во кое возило имало уште едно лице“, соопшти полицијата.

Веднаш потоа, зад нив застанало патничко возило „алфа ромео“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.И.(31) од село Сингелиќ, Скопско, кој бил со уште едно лице. А.И. и Б.И. од двете возила почнале да пукаат со пиштол кон возилото во кое бил Д.З. со роднините, а потоа ги искршиле стаклата од возилото што го управувал Д.З.. Со повреди се здобил неговиот брат, кој со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“, каде му била укажана лекарска помош, соопшти МВР.

По добивање на пријавата, полициски службеници веднаш излегле на местото на настанот. Во изјава пред полициските службеници С.З. кажал дека и тој пукал кон А.И. и Б.И. и бил приведен. По преземени мерки и активности бил пронајден и приведен и А.И..