Неодамна светот го обиколи веста за 9-годишното момче од источна Франција кое е заразено со коронавирус, а притоа било во контакт со повеќе од 172 лица и не го пренел – никому!
Ова е интересно откритие кое фрла ново светло на пандемијата на коронавирусот и повторно го отвора прашањето за тоа колку се децата силни преносители.
Како што пренесува “The Guardian”, детето било едно од контактите на заразениот бизнисмен Стив Волш, првиот Британец позитивен на коронавирус кој со уште неколку сонародници уживал во француски скијачки ресорт. Волш веројатно се заразил пред заминувањето во ресортот, кога бил на деловен состанок во Сингапур, па несвесно го ширел вирусот во Франција, по што и понатаму во незнаење дека е заразен се вратил во Лондон.
Повеќето гости на ова одморалиште биле заразени со коронавирус, но истрагата на надлежните француски органи за јавно здравје покажала дека 9-годишното дете кое било во таа група е заразено, но никому не му го пренел вирусот и покрај фактот дека било во контакт со најмалку 172 лица од три различни школи за скијање. Сепак поради претпазливост, сите биле испратени во карантин.
Тестовите утврдиле дека момчето е заболено со коронавирус, а интересно е што неговите брат и сестра заболеле од обичен грип и настинка, но не и од Ковид-19.
“Едно дете кое имало и симптоми на други респираторни болести, посетувало три школи за скијање во тој момент, но не учествувало во трансмисија на вирусот. Тоа укажува на потенцијално поинаква динамика на ширење помеѓу децата”, истакнал францускиот епидемиолог Костас Данис за “AFP”.
9-годишното момче имало само благи симптоми, а тестовите покажале дека имал ниво на вирус кое било тешко да се открие. Се смета дека токму тоа ниско ниво на инфекција објаснува зошто не заразилo други луѓе. Истражувачите сметаат дека децата воглавно имаат само благи симптоми, па вирусот го пренесуваат во далеку помала мера од заразените возрасни лица.
Сепак, улогата на децата во ширењето на вирусот и понатаму останува една од главните мистерии на пандемијата, а сè уште се расправа дали тие кои развиваат едвај забележливи симптоми се воопшто преносители. Иако процентот на деца кои имаат тешка инфекција е мал во споредба со постарите лица, и понатаму постојат поединци кои сериозно се разболуваат па дури и умираат.
“Подоброто разбирање на тоа кој може да го пренесе вирусот и во кој момент од својата инфекција е многу важен дел од сложувалката во кој сè уште немаме вистински увид. Постојано слушаме за асимптоматични инфекции и за тоа колку се чести, но и понатаму немаме претстава колку се тие важни кога станува збор за трансмисија на болеста”, рекол професорот Џонатан Бол, виролог на универзитетот Нотингем.