Димитриевски: Го исполнивме сонот со пласманот на ЕП, но тука имаме големи амбиции!

614

Македонската фудбалска репрезентација веќе два дена тренира и се подготвува за деби настапот на Европското првенство во Букурешт. По подготвителниот период, селекцијата предводена од Игор Ангеловски е во Романија, каде што ја чекаат натпревари со Австрија и Украина.

На денешниот брифинг, зборуваа првите два голмани на Македонија. Чуварот на мрежата на Рајо Ваљекано, Столе Димитриевски смета дека добро го познаваат првиот ривал, бидејќи веќе два пати се среќаваа со Австрија.

„Ние се чувствуваме спремно, подготвени сме и мотивирани за натпреварот. Ги познаваме Австријците доста добро. Притисокот над нас го претвораме во мотивација, за да дадеме максимум и да одиграме добар натпревар. Мислам дека за нас првиот натпревар е најважен. Ова е одлично искуство, но мотивацијата е огромна и покрај неискуството на големите собири.

Добро ги анализиравме натпреварите, го познаваме ривалот. Австрија има квалитетни играчи, тие ќе се обидат да пратат долги топки зад одбраната и мора да бидеме подготвени на тоа. Арнаутовиќ и Алаба се особено добри шутери, ние тренираме за нив и подготвени да го дочекаме натпреварот. Од двата дуели со нив, во Скопје беше полошо, само што одигравме натпревар со Полска и можеби бевме уморни. По пласманот и претходните натпревари, покажавме дека можеме да добиеме секој. Турнирот е поразличен, сите имаат поголем респект кон нас. Тука е еден натпревар и нема поправна шанса, ова е ЕП и ќе играме до крај да извлечеме добар резултат.

Атмосферата е неверојатна, но ние не сме дојдени тука само да го доживееме ЕП. Ние сакаме да бидеме тука подолго, сакаме со победа или нерешени резултати да дојдеме до следната фаза. Го исполнивме сонот да заиграме на едно ЕП, ама сонот се смени и амбициите се да ја минеме групната фаза. Веруваме во себе, зошто да не го исполниме успехот и минеме понатаму“, изјави Димитриевски.

Димитриевски е репрезентативната „единица“, неприкосновен меѓу стативите и доколку сè е во најдобар ред ќе ги брани натпреварите на Македонија на овој турнир.