На денешното рочиште за организаторите на 27 април, сведочи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.
Димовски рече дека во 2017 година бил пратеник во Собранието и координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Тој говореше за свикувањето и текот на Конститутивната седница.
„Пракса е пред таа седница претходниот претседавач да свика координативен состанок. Така беше и тогаш. На таа кординација не можеше да дојде до договор за составот на Комисијата за избори и именувања. Спорот беше кој ќе претседава. Прака беше предлогот да го даде најголемата пратеничка група, но тогаш немаше мнозинство, и тоа бараше да го направи втората по големина пратеничка група СДСМ. Затоа на седница се замина без предлог“, рече Димовски кој напомена дека тој ден се добило впечаток дека седницата ќе заврши вообичаено.
„Седницата по мое мислење заврши по пеењето на химните, но додека се подготвувавме да заминеме, пратениците од СДСМ останаа во салата. Тоа не затекна и останавме да видиме што ќе се случува“, рече Димовски кој рече дека за изборот на претседателот на Собранието, кој беше спроведен од СДСМ, за него не е валиден затоа што биле прекршени три члена од Уставот и 26 члена од Деловникот.