Директорот на лабораторијата во Вухан одлучен: “Невозможно е вирусот да потекнува од нас, јасно знаеме со што работиме”

682

Директорот на лабораторијата на која американските медиуми укажуваат како можен извор на новиот коронавирус категорично ја отфрлил секоја одговорност.

“Невозможно е тој вирус да дошол од нас”, изјавил вчера Јуан Џиминг во интервју за државната телевизија “CGTN”, директор на Институтот за вирологија во Вухан.

Повеќето научници сметаат дека новиот коронавирус е веројатно пренесен на човекот од некое животно. Многумина се сомневаат дека истиот потекнува од пазар во Вухан, каде се продавале живи диви животни.

Меѓутоа, присуството на Институтот за вирологија само неколку километри од тоа место со месеци поттикнува претпоставки дека вирусот можеби потекнува од некоја лабораторија на тој институт.

“Јасно знаеме кои видови истражувања се спроведуваат во Институтот и како се управува со вирусите и примероците”, изјавил директорот на Институтот кој има една лабораторија P4, под најголемо обезбедување, во која се наоѓаат соеви од најопасни вируси како што е вирусот ебола.

Поради самата положба на Институтот во Вухан, луѓето не можат да се воздржат од правење асоцијации, вели Џиминг кој ги обвинил медиумите дека “намерно се обидуваат да ги измамат луѓето со информации кои се во целост засновани на шпекулации без докази”.

Според “Washington Post”, амбасадата на САД во Пекинг по повеќе посети на Институтот, во 2018 година ги предупреди американските власти за наводно недоволните безбедносни мерки во лабораторијата која проучува видови на коронавирус кои потекнуваат од лилјаци.