Ноќните журки конечно можат да почнат. По 19 месеци клуч на врата поради мерките за заштита од коронавирусот, последни од сите објекти најпосле ќе можат да се отворат и кабареата, ноќните клубови и дискотеките кои работат во затворени простории.
Таква одлука донесе Владата на својата последна седница, на 5 дена пред изборите, потенцирајќи дека сега тоа го дозволува епидемиолошката состојба во државата, а ова олабавување се должи на предлог на Комисијата за заразни болести.
А, само пред неколку дена Владата не пројавуваше намера да ги отвори овие локали, иако сите други објекти во земјава, меѓу кои и кафулињата и рестораните, функционираат без речиси никакво ограничување. Тоа беше причина првите луѓе на оваа индустрија да најават граѓанска непослушност, потенцирајќи дека доколку Владата и натаму остане глува на нивните барања, тие своеволно ќе ги отворат клубовите.
Главниот услов кој ќе треба да го исполнат љубителите на ноќниот живот доколку сакаат до подоцните часови да се забавуваат во дискотеките, а кои поради коронакризата беа принудени да апстинираат повеќе од година и половина, ќе биде да имаат примено вакцина. За почеток со само една доза, но веќе од 15 ноември со две дози од вакцината, што ќе важи и за влез во другите локали и објекти. Исто така, добро познатите гужви во ноќните клубови нема да постојат, бидејќи нив им е дозволено да работат со само 50 отсто, односно половина од капацитетите.
„Се дозволува работа на барови и ноќни клубови – дискотеки, како и на угостителските објекти кои се регистрирани за прослави (веселби, свадби, родендени, крштевки и слично) во затворениот дел на објектите до 50 отсто исполнетост од капацитетот на просторот“, се вели во владиното соопштение.