Во првите девет месеци од годинава на македонските аеродроми се превезени за 57 проценти повеќе патници во однос на истиот период од 2020, односно за 52 проценти помалку споредено со првите три квартали од 2019 година.
Првите знаци на закрепнување на авиосообраќајот по значителниот пад поради ковид пандемијата се забележани по омасовувањето на вакцинацијата против Ковид-19, во втората половина од јуни и јули, сè до средината на август. Стабилизација на секторот и среднорочно и долгорочно закрепнување, како што оценуваат од ТАВ Македонија, операторот со македонските аеродроми, ќе има кога условите за влез во различни земји кои се поврзани со Ковид-19 ќе се изедначат за сите државјани на сите држави.
Зимскиот распоред на летови ќе почне на крајот од овој месец, во моментов, како што наведува Батак, е во подготовки и наскоро ќе бидеме во можност да кажеме до точно колку дестинации ќе се лета од скопскиот аеродром од крајот на октомври годинава до крајот на март следната 2022 година.
Летови од Скопје и до Болоња, Торино и Билунд, на пазарот влегува и „Изиџет”
– Три нови дестинации ќе воведе Виз ер во декември, од Скопје до Болоња, Торино и Билунд. Една нова дестинација, од Женева до Скопје, ќе биде отворена од Изиџет, британската нискобуџетна авиокомпанија, која со отворањето на оваа рута на почетокот на ноември 2021 година практично првпат ќе влезе на македонскиот пазар. Заедно со наведените наведените нови дестинации на Виз ер од Скопје, во декември 2021, унгарската нискобуџетна авиокомпанија ќе отвори и нова авиолинија од охридскиот аеродром до германскиот град Фридрихсхафен, информира Батак.
Најголемиот дел од откажаните авиолинии со почетокот на пандемијата во 2020 година беа вратени на распоредот на летање по повторното отворање на двата аеродроми во јули 2020 година, и потоа во 2021 година. Сепак некои од дестинациите, како Доха со Катар ервејс и Дубаи со Флај Дубаи, што беа опслужувани од Скопје пред пандемијата, сè уште не се вратени.